Во моментов најскапо платени фудбалери по позиции се Бекер (голман), Ван Дајк (одбрана), Дембеле (среден ред) и Нејмар (напад), од 11-те шест сега се членови на англиски тимови, а од овој најскап тим петмина се Французи
Голман Алисон Бекер од Ливерпул (трансфер од 75 милиони евра), одбрана Кајл Вокер, Манчестер сити (53), Вирџил Ван Дајк, Ливерпул (85), Емерик Лапорт, Манчестер сити (65,5), Бенжамин Менди, Манчестер сити (58), во средниот ред Осман Дембеле, Барселона (150), Фелипе Кутињо, Барселона (145), Пол Погба, Манчестер јунајтед (105) и во нападот Кристијано Роналдо, Јувентус (110), Нејмар, ПСЖ (220), и Килијан Мбапе, ПСЖ (180).
Ова е најскапиот фудбалски тим на сите времиња, според сумите платени за трансфер, објавени на специјализираниот сајт transfermarkt, во модерната формација 4-3-3. За овие 11 фудбалери три англиски клуба, Ливерпул, Манчестер сити и Манчестер јунајтед, потоа по еден француски, ПСЖ, шпански, Барселона, и италијански, Јувентус, во минатата година-две потрошиле над една милијарда евра (1,236 милијарда евра).
Најскапо е триото Нејмар – Мбапе – Роналдо, разбирливо, бидејќи напаѓачите се најбараните на пазарот, а тие чинеа половина милијарда евра. Потоа се играчите од средниот ред, тројката Дембеле – Кутуњо – Погба, 400 милиони.
За одбраната, за петтемина фудбалери (заедно со голманот), двата премиерлигашки клуба, Ливерпул и Манчестер сити, потрошија 336,5 милиони евра.
Таа сума до пред некоја година беше незамислива, со оглед на тоа дека бековите и голманите (мал исклучок беа центархалфовите) не беа на цена, но очигледно времињата се менуваат и работите си доаѓаат на свое место.
По сѐ, во моментов најскапо платени фудбалери по позиции се Бекер (голман), Ван Дајк (одбрана), Дембеле (среден ред) и Нејмар (напад).