Ѕвездата на Барселона, Лионел Меси, има годишна плата од 130 милиони евра, а неговиот сонародник, на клупата на Атлетико, Диего Симеоне, заработува 41 милион евра, објави „Франс фудбал“

Францускиот неделник „Франс фудбал“ ја објави годишната листа на 20-те најдоброплатени светски фудбалери и тренери. Очекувано, кога станува збор за фудбалерите, на врвот на листата е напаѓачот на Барселона, Аргентинецот Лионел Меси со годишна плата од 130 милиони евра.
На второто место е Португалецот Кристијано Роналдо, играчот на Јувентус, со заработка од 113 милиони евра, трет е Бразилецот Нејмар, фудбалерот на ПСЖ, со плата од 91,5 милион, четврти е францускиот интернационалец, напаѓачот на Атлетико, Антоан Гризман со плата од 44 милиони, а петти е Велшанецот Герет Бејл од Реал, со заработка од 40,2 милиони. Потоа следуваат Шпанецот Андрес Иниеста, кој настапува во Јапонија, во Висел Кобе со 33 милиони, Чилеанецот Алексис Санчез од Манчестер јунајтед со 30,7 милиони, Бразилецот Филипе Кутињо од Барселона со 30 милиони, Аргентинецот Езекил Лавеци од кинескиот Хебеи со 28,3 милиони, Уругваецот Луис Сураез од Барселона со 28 милиони итн. Меѓу првите десет на оваа листа осум играат во Европа и двајца во Азија, а најмногу се од Бразил и од Аргентина, по двајца.

Кај тренерите, по малку изненадувачки, најплатен е Аргентинецот Диего Симеоне од мадридски Атлетико со годишна плата од 41 милион евра. На втората позиција е Португалецот Жозе Мурињо со 31 милион, кој кон крајот на минатата година доби отказ од Манчестер јунајтед, но ќе ги добие парите според договорот што му важеше до 2021 година. Истото важи и за Французинот Тиери Анри, на третата позиција (25,5 милиони), кој не издржа ниту три месеца на клупата на Монако, но платата ќе мора да му биде исплатена.

На четвртото место е Пеп Гвардиола, менаџерот на Манчестер сити (24 милиони), а потоа следуваат Аргентинецот Ернесто Валверде на клупата на Барселона (23 милиони), Италијанецот Фабио Канаваро, предводникот на кинескиот Гванжу евергранде (15 милиони), тренерот на Јувентус, Италијанецот Масимилијано Алегри (13,5 милиони), па уште еден Италијанец, Марчело Липи, селекторот на Кина (13 милиони), Германецот на менаџерската позиција во Ливерпул, Јирген Клоп (13 милиони), Французинот Леонардо Жардим, новиот/стар тренер на Монако (13 милиони) итн. На тренерската листа осуммина работат во клубови во Европа и двајца во Кина, а најмногу се од Италија, тројца, и по двајца од Аргентина и од Франција.
На 20-та позиција на тренерската листа е добро познатото име од просторите на поранешна СФРЈ, Србинот Драган Стојковиќ-Пикси, тренерот на кинескиот Гванжу РФ со годишна плата од седум милиони евра. 


Хегерберг води меѓу фудбалерките

„Франс фудбал“ ја објави и листата на најдоброплатени фудбалерки, од која се гледа и огромната разлика во примањата со колегите. Најдоброплатена е Норвежанката Ада Хегерберг, која настапува за француски Лион, петкратниот и актуелен европски првак, која има годишна плата од 400.000 евра, дури 325 пати помалку од Меси.
На втората и на третата позиција се нејзините клупски колешки, Французинките Амандин Анри (360.000) и капитенката Венди Ренар (348.000 евра). Потоа, на четвртата и на петтата позиција се две фудбалерки што настапуваат во САД, Американката Карли Лојд од Скај блу (345.000 евра) и Бразилката Марта, во Орландо прајд (340.000 евра).

Ада Хегерберг