Стрелци, асистенти или клучни играчи на СП засега се вообичаените ѕвезди, како Кејн, Роналдо, Лукаку, Азар, Модриќ, Крос, Черишев, Коста, Суарез,
Нејмар, Фалкао, Родригес, Мане, Чичарито, Гризман, Ериксен, Мбапе…

На вистинското место, светско фудбалско првенство, повеќето од најдобрите фудбалери, ѕвезди, по две кола од групната фаза веќе оставија печат на Мундијалот во Русија. Така, некои од истакнатите фудбалери последниве неколку сезони предничат во категориите голови или асистенции или се клучни во своите репрезентации.
Хари Кејн, капитенот на Англија, „златна копачка“ во Премиер-лигата во дресот на Тотенхем две сезони по ред (2015/2016 и 2016/2017, а сезонава втор со 30 гола) и најдобар фудбалер за 2017 година во таа земја, води на листата на стрелците со пет гола. Кристијано Роналдо (Реал Мадрид), капитенот и прв стрелец на Португалија (85 гола), најдобар фудбалер на светот (четири „златни топки“ последниве пет години) е на делба на второто место со четири погодока. Двајцата засега се единствени со по еден хет-трик на СП 2018.
Ромелу Лукаку, првиот голгетер на Манчестер јунајтед минатата сезона, е најдобриот стрелец на Белгија со 40 гола, од тоа четири постигна на Мундијалот во Русија, со што е на делба на второто место на листата на стрелците. Четири гола постигнаа и водачот на нападот на Шпанија, Диего Коста од Атлетико, и руското крило Денис Черишев, продукт на школата на Реал Мадрид, сега во Вилјареал.
Своите вештини во нападот ги покажаа и плејмејкерот на Челси Еден Азар (два гола и една асистенција за Белгија), центарфорот на Барселона, Луис Суарез (еден гол за Уругвај), играчите од средниот ред на Реал Мадрид, Лука Модриќ (два гола за Хрватска) и Тони Крос (решавачки гол за опстанок на Германија во трката за одбрана на титулата), потоа Антоан Гризман (Атлетико и Франција), Радамел Фалкао (Монако и Колумбија), фудбалерот на годината во Данска, Кристијан Ериксен (Тотенхем), првиот Нигериец со голови на две СП и прв стрелец на два гола на еден меч на СП, Ахмед Муса (ЦСКА Москва), „златната копачка“ од СП 2014 и двоен асистент на СП 2018, Колумбиецот Хамес Родригес (Реал/Баерн), најдобриот стрелец во историјата на Мексико, Чичарито (по еден гол и асистенција на СП 2018), како и Бразилците Кутињо (Барселона) и Нејмар (ПСЖ), Јапонецот Кеисуке Хонда, Египќанецот Мохамед Салах (Ливерпул), Французинот Килиан Мбапе (ПСЖ), Сенегалецот Садио Мане (Ливерпул) итн.
За овој да се пополни ѕвезден мозаик недостигаат голови или асистенции, на пример, на Аргентинците Лионел Меси (Барселона) и Гонзало Игуаин (Јувентус), Полјакот Роберт Левандовски (Баерн), Бразилецот Фирмино (Ливерпул), Германецот Томас Милер (Баерн)…


Ваков Мундијал не е виден од 1954 година

Уште сега фудбалското Светско првенство во Русија ќе остане запаметено по неколку куриозитети, кои, секако, им годат на сите љубители на фудбалот. Така, повеќе од 65 години не е видено СП во фудбал со ваква долга низа натпревари без „нула“, односно од првиот меч Русија – Саудиска Арабија (14 јуни), па до неделата (комплетни две кола), уште не се случило да има меч без голови. Во секој дуел е реализиран барем по еден гол или вкупно досега се видени 32 меча и вкупно 85 постигнати погодоци.
Поединечно гледано, убедливо најефикасна е групата Г во која по голеадата на Белгија и на Англија, видени се дури 20 гола на четири средби, односно во просек по пет на натпревар. Најмалку голови, седум, има во групата Ц, во која Франција двапати славеше со по еден гол разлика, а Данска еднаш. Во групата Е, пак, видени се осум гола досега.
Последен пат „нула“ не e видена на СП 1954, кога ниту на еден од 26-те меча на тој Мундијал во Швајцарија резултат на семафорот не бил 0-0.