Аргентинецот испратил порака до Барселона барајќи да се ослободи од неговиот договор преку активирање на специјалната клаузула, која му овозможува еднострано да замине на крајот на секоја сезона, а веќе се шпекулира и за можните дестинации, пишува „Марка“
Лионел Меси, носителот на шест „златни топки“ за фудбалер на годината, сака да ја напушти Барселона. Колку и да звучи неверојатно, Аргентинецот испратил порака до клубот, барајќи да се ослободи од неговиот договор преку активирање на клаузулата, која му овозможува еднострано да замине на крајот на секоја сезона. Теоретски, оваа клаузула требаше да се активира пред 10 јуни, но необичните околности и паузата поради пандемијата на коронавирусот во сезоната, значат дека тој можеби ќе може да побара излез и сега, пишува шпанскиот дневен спортски весник „Марка“ на својата интернет-страница.
Меси разговарал со новиот тренер Роналд Куман кому му соопштил дека се гледа повеќе надвор од Барселона отколку во неа. Веста дека Меси сака да ја напушти Барселона предизвика тревога кај три европски клуба, Интер, Манчестер сити и ПСЖ, кои сакаат да ја видат во своите редови славната десетка, пишува „Марка“.
Италијанците веќе подолго време сакаат да потпишат со Меси. Тоа би можело да биде и предизвик за Меси, да замине во Милано и да се обиде да го обнови и ривалството, кое повеќе години го имаше со Кристијано Роналдо (сега во Јувентус, порано во Реал Мадрид) во шпанското т.н. „Ел класико“.
Тренер на Манчестер сити е Пеп Гвардиола, со кого, пак, Меси веројатно уживаше во најдобриот фудбал од неговата кариера во Барселона. Британските медиуми објавиле дека единствено што недостига во договорот за да го ангажираат е одобрувањето на самиот играч, пишува „Марка“. Потписот на Аргентинецот ќе им помогне во нивниот обид да ја освојат ЛШ, а патем Меси би му се придружил на еден од неговите најблиски пријатели, Серхио Агуеро.
ПСЖ, францускиот првак и европски вицешампион, веќе ги има Нејмар и Килијан Мбапе, а и самиот Меси наводно е заинтересиран пак да игра заедно со Бразилецот, кој сакаше да се врати во Барселона уште од неговото заминување во 2017 година. Меси би можел сега да го формира неверојатното напаѓачко трио во Париз, пишува „Марка“.