25 години македонска фудбалска репрезентација
Точно 10.435 километри од Скопје е најдалечниот меч што македонската фудбалска репрезентација го одигра на гости, во својата 25-годишна историја. Толку е оддалечен американскиот град Сан Хозе, каде што на 17 мај 1998 година Македонија во пријателски натпревар се сретна со селекцијата на САД, во меч што заврши нерешено, без голови.
Нешто поблиску беа одиграни три пријателски меча со репрезентацијата на Кина, и тоа на 8.523 километри од Скопје, во Јиву, на 27 јануари 2004 година (0-0), на оддалеченост од 8.415 км, во Сижу, на 29 јануари 2004 година (1-0 за Кина), и на 8.452 км од Скопје, во Гуангжо, на 22 декември 2010 година (1-0 за Кина).
За гостување најблиску (по сувоземен пат) Македонија патуваше за Софија (243 км), на тест-натпревари со Бугарија (0-3 на 28 мај 1996 и 0-1 на 15 август 2001), во Корча (250 км) на пријателски натпревар со Албанија, на 17 ноември 2010 година (0-0), и во Јагодина (304 км), на квалификациски дуел со Србија, на 15 октомври 2013 година (1-5).