Како и секое дете што го сака фудбалот, и јас пораснав сонувајќи да играм на големите натпреварувања, во Лигата на шампионите (ЛШ), на Европско и на Светско првенство. Моите големи цели сега се играње на СП и во ЛШ, вели македонскиот репрезентативец Езџан Алиоски во интервјуто за интернет-страницата на ФИФА
ФУДБАЛ
Езџан Алиоски, еден од клучните играчи на Македонија и на премиерлигашот Лидс, кого летово го очекува настапот на Европското првенство (ЕП), во интервјуто за интернет-страницата на Светската фудбалска федерација (ФИФА) говори за успехот на Македонија и зошто Лидс му „го смени животот“.
Кога во 2017 година од Лугано се пресели во Лидс, немаше навестувања за авантурите што го очекуваа Алиоски. Клубот во кој отиде се подготвуваше за осмата последователна сезона во Чемпионшип и таа кампања ја заврши на средината на табелата. Со Македонија беше слично, па и полошо, откако падна на 162-та позиција на ранг-листата на ФИФА, по серијата од 14 порази на 18 натпревари, Алиоски имаше 25 години, и иако талентиран, не беше многу познат надвор од Швајцарија и од Македонија, а се чинеше и дека никој не ја знае неговата најдобра позиција. Почна како лев бек, потоа беше десно крило во Лугано, па и центарфор. Неговиот подем се рефлектира и на неговите тимови. Лидс со Марсело Биелса стана импресивен, многу фален тим во Премиер-лигата, а Македонија направи историски успех со квалификувањето на ЕП 2020, а ѝ го нанесе првиот пораз на Германија на домашен терен во квалификациите за СП по две децении.
Ова е неверојатна година за Македонија. Како гледате на квалификациите за ЕП и на победата над Германија?
– Беше неверојатно. Најголемото нешто за нас, како тим и како земја, беше пласманот на ЕП. Тоа беше голем чекор за Македонија, каков што никогаш порано не сме направиле. Но ние навистина верувавме во тоа. Со тимот што го градевме во минатите пет-шест години, знаевме дека сме силни, многу квалитетни. Постои убава мешавина од млади и искусни играчи, а во минатите години станавме блиски затоа што тимот не се смени многу. Заедно го реализиравме нашиот сон.
ЕП е следниот голем предизвик. Но колку би ви значело да играте на СП?
– Како и секое дете што го сака фудбалот, и јас пораснав сонувајќи да играм на големите натпреварувања, во Лигата на шампионите (ЛШ), на Европско и на Светско првенство. Моите големи цели сега се играње на СП и во ЛШ. Кога веќе ја победивме Германија, мора да веруваме дека можеме да стигнеме таму, оти, според мое мислење, Македонија е подобра од Романија, Исланд и од другите селекции во нашата група. Зошто да не? Пласман на СП дефинитивно е следниот чекор што треба да го направи Македонија.
Квалификациската победа во Германија сите ги изненади. Ја очекувавте ли?
– Отидовме таму со целосна почит, знаејќи дека играме против четирикратен светски шампион, со играчи од врвни клубови. Но мое мислење е дека фудбалот многу се смени и ние исто така имаме играчи во врвни клубови што играат на високо ниво. Репрезентациите како нас може да направат изненадувања и ние веќе игравме добро против други големи селекции, ремизиравме со Италија (1-1) на пример, па затоа помисливме: „Зошто не и со Германија“? Тактички игравме навистина добро, се боревме како тим и игравме со многу карактер и со срце. Мислам дека ја заслуживме победата. Тоа е показател колку далеку сме стигнале во последните неколку години.
Каков е Игор Ангеловски како тренер? Дали има сличности со Биелса?
– Тешко е да се споредат, затоа што се различни личности и имаат различни филозофии, а и работата како селектор на национален тим е сосема поинаква од тренерската во клубот. Заедничко нешто им е што двајцата многу добро си ја вршат работата. Ангеловски навистина верува во себе и во своите играчи и за него од големо значење е да има добар однос со нас, да создаде добра атмосфера во тимот и да ни влее самодоверба. Кога ќе излезете на терен со ваков тренер, тоа ви дава голема сигурност. Тоа се гледа и од резултатите.
Македонија сепак е најслаборангирана репрезентација на ЕП. Дали победата над Германија ќе им влее малку страв на вашите противници?
– Се надевам не, затоа што е убаво и добро за нас да бидеме во позиција на аутсајдери. Уживаме да им покажуваме на луѓето што претставува Македонија. Отсекогаш сум велел дека има многу таленти во нашиот регион, сѐ што ни недостигаше беа парите и инфраструктурата во земји како Англија.
Колку беше пријатно да се биде дел од тимот на Биелса, да се вратите назад во Премиер-лигата и да имате битна улога во екипата?
– Секогаш им велам на луѓето: Лидс го смени мојот живот, како фудбалер, но и како личност. Сега сум посмирен, поискусен и позрел, а тоа е благодарение на она што го научив тука. Истото тоа можам да го кажам и за Биелса како тренер. Тој го смени мојот поглед на животот и многу ме подобри како играч и многу сум му благодарен. Премиер-лигата беше одлично искуство за сите нас и сакам да бидеме што е можно повисоко на табелата.
Пандев е одличен фудбалер и многу добра личност
Каков е Пандев, како играч и како личност?
– Го гледам понекогаш и си мислам, ова момче има 38 години. Неверојатно. Замислете да беше десет години помлад, можеше да ја освои „златната топка“. Тој е неверојатен играч. И не само поради неговиот квалитет и искуството, тој исто така е и многу добра личност. Од начинот на кој се однесува не би знаеле дека ја освоил ЛШ и ги направил другите неверојатни работи во кариерата. Тој воопшто не се однесува како ѕвезда и, ако имате каков било проблем, тој секогаш е тука за вас. Доаѓа нова генерација, но ќе нема легенда како Пандев. Прекрасно е што тој ќе настапи на голем турнир по сите години играње фудбал.