Среќни сме што можеме да објавиме дека фудбалскиот стратег што освоил 25 трофеи, со Порто, Интер, Челси, Реал Мадрид и со Манчестер Јунајтед, Жозе Мурињо е нашиот нов тренер, пишува во објавата на лондонскиот клуб Тотенхем. Мурињо на чело на англискиот премиерлигаш доаѓа на местото на аргентинскиот стратег Маурицио Покетино, кој изминатите пет сезони беше на клупата на Тотенхем. По 12 кола тимот е 14-ти на табелата и е на добар пат да се пласира во осминафиналето на Лигата на шампионите (ЛШ).
Португалецот е еден од најуспешните тренери, а познат е по својата тактичка моќ и како голем инспиратор на играчите. Тој има импресивна статистика во англискиот фудбал. Мурињо е тренер што најбрзо стигнал до 50 победи (по 63 меча) и до 100 победи (142) во Премиер-лигата, сега има 190, а границата од 200 победи ја надминале само Алекс Фергусон, Арсен Венгер, Хари Реднап и Дејвид Мојс. Сопственик е на рекордот по бројот на титули во различни земји (Португалија, Англија, Италија и Шпанија) и е еден од тројцата што ја освоил ЛШ со два клуба (Порто во 2004 и со Интер во 2010).
Мурињо, кој од декември минатата година беше без ангажман и кој во Англија беше менаџер и на Челси (двапати), по заминувањето од Манчестер јунајтед, на клупата на лондонскиот клуб ќе дебитира дури на 30 ноември против Бурнемаут. На мечот од 13-то коло против Вест Хем в сабота Тотенхем ќе биде предводен од тренерот на младата екипа, Рајан Масон, а уште не се знае кој ќе биде на клупата на мечот против Олимпијакос во ЛШ.