Англиските екипи Арсенал и Челси ќе играат со предност во реваншите од полуфиналето на фудбалската Лига Европа (ЛЕ), откако во првиот дуел Арсенал со пресврт дома ја победи Валенсија од Шпанија со 3-1, а Челси на гости одигра нерешено, 1-1, со Ајнтрахт од Германија. Ако двата клуба од Лондон се пласираат во финалето, тоа ќе биде десетто во тоа натпреварување во кое ќе играат тимови од една земја, но прво во кое би се сретнале екипи од ист град.
Сепак, претстојат неизвесни реванши. Валенсија во ЛЕ стигна преку Лигата на шампионите (ЛШ), а во нокаут-фазата на седум натпревари забележа пет победи и по едно реми и пораз, од тоа трипати победи дома на трите средби (Селтик 1-0, Краснодар 2-1 и Вилјареал 2-0), со вкупна гол-разлика 5-1. Сезонава во ЛЕ Арсенал на шесте меча на гости има четири победи и два пораза (во шеснаесеттинафиналето од БАТЕ со 0-1 и во осминафиналето од Рен со 1-3), со вкупна гол-разлика 9-4.
Ајнтрахт сезонава има само еден пораз во ЛЕ, забележувајќи и девет победи и три ремија. Од тоа, на гости тимот од Франкфурт оствари четири победи и по еден нерешен резултат и пораз, со вкупна гол-разлика 12-10. Челси сезонава во ЛЕ победи на сите шест меча дома, со вкупна гол-разлика 18-4.
Во ЛЕ досега се одиграни девет финалиња во кои настапиле екипи од иста земја, и тоа четири пати од Италија, двапати од Шпанија и по еднаш од Англија, Германија и од Португалија
Во ЛШ се одиграни две финалиња со тимови од ист град, Мадрид, а во двата случаја Реал го победи Атлетико (2014 и 2016 година).