По 10 години, наградата „златна топка“ не ја освои Меси или Роналдо, но останува да се види дали тоа значи крај на нивната ера
Хрватот Лука Модриќ (33) е првиот фудбалер, по доминацијата на Португалецот Кристијано Роналдо и на Аргентинецот Лионел Меси, што ја освојува наградата „златна топка“ на „Франс фудбал“ за најдобар во светот за 2018-та. Пред наизменичното освојување на оваа награда на овој двоец, победник беше Бразилецот Кака во 2007 година. Во гласањето за годинава Роналдо беше втор според бројот на гласовите, а Меси петти, и првпат по 2006 година не е меѓу првите тројца.
Модриќ сезонава со Реал ја освои третата по ред титула првак на Европа, а со Хрватска ја зеде светската вицешампионска титула. Модриќ годинава го доби признанието за најдобар фудбалер на СП во Русија, како и наградата на ФИФА за најдобар фудбалер за 2018-та. Модриќ им го посвети признанието на сите колеги фудбалери што во минатите 10 години беа во сенка на Меси и на Роналдо.
– Во минатото имаше фудбалери од калибарот на Чави, Иниеста или Весли Снајдер што ја заслужуваа наградата, но не ја добија. Ова е нешто посебно за мене, пресреќен сум – изјави Модриќ.
Модриќ ја прекина доминацијата на Роналдо и на Меси, но останува да се види дали тоа значи крај на нивната ера. Роналдо сега има 33, а Меси две години помалку. Тие доминираа во европскиот и во светскиот фудбал една деценија, но дилемата е дали и колку долго можат да продолжат во ист стил. Роналдо, кој летово од Реал замина во Јувентус, есенва игра одлично и веќе е на добар пат да стекне легендарен статус во Торино. Истото тоа важи и за Меси. На 31 година тој веќе не е толку брз како порано, но игра поинтелигентно од кога било досега. Во Барселона околу себе повеќе ги нема маестралните Чави или Иниеста, што значи дека сега тој ги почнува и ги завршува нападите. Откако ја носи капитенската лента, јасно стави до знаење дека главна цел му е титула во ЛШ.
Накратко, по една деценија доминација, Меси и Роналдо остануваат водени од личните и од колективните цели. Како резултат на тоа, би било изненадување доколку еден од нив повторно не ја освои „златната топка“ можеби веќе следната година. Но младите доаѓаат и не се далеку зад Роналдо и зад Меси. Килијан Мбапе како да е предодреден да освои повеќе „златни топки“. Тој постигна 32 гола за ПСЖ и за Франција во 2018 година, а со четирите погодока помогна во триумфалната кампања на „триколорите“ на СП во Русија.
– Ако играчот го гледате во најчиста форма, никој не е подобар од Меси и од Роналдо. Годинава тие повторно беа најдобри во светот. Меси беше најдобриот стрелец во Европа, а Роналдо во ЛШ. Никој не е подобар од нив во моментот и не можеме да кажеме дека дојде крајот на нивната ера, бидејќи таа ќе заврши кога некој друг ќе биде подобар од нив – изјави неодамна Мбапе.
Мбапе и Хегерберг први ги освоија новите трофеи
Младиот француски интернационалец Килијан Мбапе (19), кој беше четврти според бројот на гласовите во изборот за „златната топка“, го доби првиот трофеј „Копа“ наменет за најдобриот фудбалер до 21 година, во гласањето во кое учествуваа поранешните добитници на „златната топка“.
Норвежанката Ада Хегерберг (23), која настапува за францускиот Лион, тимот со кој ја освои третата титула првак на Европа и 16-та во низа во Франција, е првата добитничка на „златната топка“ во женска конкуренција. „Франс фудбал“ ѝ додели на Хегерберг идентичен трофеј како на Модриќ.