Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во денешниот фудбал нема лесен противник или однапред запишани бодови, вели селекторот Милевски по ждрепката за Лигата на нациите, по која Македонија е во групата 4 на лигата Ц, заедно со репрезентациите на Бугарија, Грузија и на Гибралтар

ФУДБАЛ – ПО ЖДРЕПКАТА ЗА ТРЕТАТА СЕЗОНА НА ЛИГАТА НА НАЦИИТЕ

Нѐ очекуваат сериозни натпревари, групата е тешка, но во денешниот фудбал нема лесен противник или однапред запишани бодови. Македонија мора да биде на највисоко ниво на секој натпревар. Денешниот фудбал, едноставно, не трпи поинаков пристап, вели селекторот на македонската репрезентација Благоја Милевски за интернет-страницата на Фудбалската федерација на Македонија, по ждрепката за третата сезона, 2022/2023, на Лигата на нациите (ЛН).
Македонската репрезентација е во групата 4 на лигата Ц, заедно со репрезентациите на Бугарија, Грузија и на Гибралтар.
– Грузија е репрезентација против која одигравме неизвесни натпревари во последниот период. Бугарија одигра нерешено против eвропскиот првак Италија. Тоа значи дека нашиот противник бележи значителен напредок. Гибралтар се разбира дека не е истата селекција од првото издание на Лигата на нациите кога се соочивме во иста група – вели Милевски.

Во првото коло, на 2 јуни 2022 година, Македонија гостува кај Бугарија, а три дена подоцна и кај Гибралтар. Потоа следуваат два меча дома, на 9 јуни со Грузија и на 12 јуни со Гибралтар, за вкупно четири натпревари за 10 дена. Групната фаза завршува во септември, Македонија прво на гости се среќава со Грузија, на 23 септември, а три дена подоцна игра дома со Бугарија. Од ривалите во групата, Македонија досега најмногу пати играла со Бугарија, седум пати, сите пријателски мечеви, во кои црвено-жолтите имаат две победи, едно реми и четири пораза, со вкупна гол-разлика 3-7. Македонија и Грузија се сретнале трипати, двапати во групната фаза во втората сезона на ЛН, две ремија 1-1, а Македонија победи на гости со 1-0 во финалето на плејофот на првата сезона на ЛН, за пласман на Европското првенство (ЕП) што се играше годинава. Македонската репрезентација двапати играше и победи во мечевите со Гибралтар (2-0 и 4-0), во првата сезона на ЛН.

Во најсилната, лига А, најсилна е групата 3, во која се некогашните светски прваци Италија, Германија и Англија, како и Унгарија. Актуелниот победник на Лигата на нациите, Франција, ќе игра со Данска, Хрватска и со Австрија, финалистот Шпанија ќе се сретне со Португалија, Швајцарија и со Чешка, а водечката на ранг-листата на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Белгија, во групата четири ќе игра со Холандија, Полска и со Велс. Победниците на групите ќе играат за титулата во ЛН, а последнопласираните ќе се преселат во лигата Б за следната сезона на натпреварувањето. Победниците на групите во лигите Б, Ц и Д, пак, ќе остварат пласман во погорен ранг за следното издание на Лигата на нациите, последнопласираните во лигата Б ќе играат во лигата Ц, а четвртопласираните во групите на лигата Ц ќе настапат баражите за опстанок.
Првата сезона на ЛН беше и квалификациска за пласман на ЕП 2020 (четири селекции победија во плејофот, Македонија, Шкотска, Унгарија и Словачка), а втората за влез во баражот за две селекции (Австрија и Чешка) за настап на Светското првенство (СП) в година во Катар.
Форматот за квалификациите за ЕП 2024 во Германија уште не е потврден, вклучувајќи какви било детали за тоа како репрезентациите би можеле да освојат места во плејофот преку Лигата на нациите од сезоната 2022/2023, а системот за натпреварување за ЕП 2024 се очекува да биде одобрен и објавен до јуни 2022 година, пишува УЕФА на својата интернет-страница.


СОСТАВ НА ГРУПИТЕ

ЛИГА А
Група 1: Франција, Данска, Хрватска, Австрија. Група 2: Шпанија, Португалија, Швајцарија, Чешка. Група 3: Италија, Германија, Англија, Унгарија. Група 4: Белгија, Холандија, Полска, Велс.
ЛИГА Б
Група 1: Украина, Шкотска, Р. Ирска, Ерменија. Група 2: Исланд, Русија, Израел, Албанија. Група 3: БиХ, Финска, Романија, Црна Гора. Група 4: Шведска, Норвешка, Србија, Словенија.
ЛИГА Ц
Група 1: Турција, Луксембург, Литванија, Ф. Острови. Група 2: С. Ирска, Грција, Косово, Кипар или Естонија. Група 3: Словачка, Белорусија, Азербејџан, Казахстан или Молдавија. Група 4: Македонија, Бугарија, Грузија, Гибралтар.
ЛИГА Д
Група 1: Лихтенштајн, Казахстан или Молдавија, Андора, Летонија. Група 2: Малта, Кипар или Естонија, Сан Марино


РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ

Бугарија – Македонија 2 јуни
Гибралтар – Македонија 5 јуни
Македонија – Грузија 9 јуни
Македонија – Гибралтар 12 јуни
Грузија – Македонија 23 септ.
Македонија – Бугарија 26 септ.