Фото: Маја Јаневска-Илиева

Фаворити сме против Лихтенштајн, треба да го добиеме тој меч, но ќе биде многу тешко, затоа што Лихтенштајн има добра репрезентација. Треба да бидеме фокусирани во текот на сите 90 минути за да дојдеме до победа, изјави голманот Димитриевски. Македонија на 8 октомври гостува кај Лихтенштајн, а три дена подоцна игра дома со Германија

ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, повика 26 фудбалери за претстојните нови два меча, во октомври, во квалификациите за пласман на Светското првенство (СП) во Катар во 2022 година. Ново име во македонскиот состав е Ердал Ракип, кој настапува за Малме од Шведска.
Македонија на 8 октомври ќе му гостува на Лихтенштајн во Вадуц, а три дена подоцна, на националната арена „Тодор Проески“, Македонија ќе ја пречека Германија.
По шест одиграни натпревари во групата Ј, Македонија е четврта, со девет бода, со ефект од две победи, на гости со Германија (2-1) и дома со Лихтенштајн (5-0), три нерешени средби, дома со Ерменија (0-0) и со Романија (0-0) и на гости со Исланд (2-2), и еден пораз, на гости од Романија во првото коло (2-3). На првата позиција на табелата е Германија, со 15 бода, а потоа се Ерменија со 11, Романија со 10, Македонија со девет, Исланд со четири и Лихтенштајн со еден бод. Во седмото коло, покрај мечот Лихтенштајн – Македонија, на 8 октомври на програмата се и дуелите Германија – Романија и Исланд – Ерменија.

– Фаворити сме против Лихтенштајн, треба да го добиеме тој меч, но ќе биде многу тешко, затоа што Лихтенштајн има добра репрезентација. Против Ерменија одигра одличен натпревар, оствари позитивен резултат, 1-1 на гостински терен, а квалитетно ѝ се спротистави и на Германија, која победата ја осигури во последните дваесетина минути. Треба да бидеме фокусирани во текот на сите 90 минути за да дојдеме до победа. Мора да одиграме сериозен натпревар, да бидеме цврсти на сите делови од теренот. Германија ја победивме на гости, сакаме да се надигруваме на тоа ниво, но сега ќе биде сосема поинаку. Но најважно за нас е прво да оствариме позитивен резултат во Вадуц, а тоа значи победа – изјави голманот на македонската репрезентација Столе Димитриевски за интернет-страницата на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Првиот собир на македонската фудбалска репрезентација е закажан за недела.


МАКЕДОНИЈА

Голмани: Столе Димитриевски (Рајо Валјекано, Шпанија), Дамјан Шишковски (Докса, Кипар), Дејан Илиев (Серед, Словачка)
Одбрана: Стефан Ристовски (Динамо З., Хрватска), Дарко Велковски (Риека, Хрватска), Висар Муслиу (Мол Види, Унгарија), Кире Ристевски (АЕЛ Лимасол, Кипар), Езѓан Алиоски (Ал Ахли, С. Арабија), Тодор Тодоровски (Раднички, Србија), Стефан Ашковски (Сепси, Романија), Ѓоко Зајков (Левски, Бугарија), Никола Серафимов (Залаегершег, Унгарија)
Среден ред: Елиф Елмас (Наполи, Италија), Енис Барди (Леванте, Шпанија), Стефан Спировски (Мариупол, Украина), Тихомир Костадинов (Ружомберог, Словачка), Бобан Николов (Шериф, Молдавија), Аријан Адеми (Динамо, Хрватска), Ердал Ракип (Малме, Шведска), Јани Атанасов (Хајдук, Хрватска)
Напад: Адис Јаховиќ (Гестепе, Турција), Милан Ристовски (Спартак Т., Словачка), Бојан Миовски (МТК, Унгарија), Александар Трајковски (Алборг, Данска), Дарко Чурлинов (Шалке, Германија), Никола Ѓорѓев (Грасхоперс, Швајцарија)