Македонија со победа вечерва речиси ќе се пласира на фајналфорот за пласман на ЕП 2020, со што би играла во лигата Ц во идното издание на Лигата на нациите, а ќе остане и во сериозна трка за првото место во лигата Д што, пак, носи скок во четвртиот барабан за ждрепката за квалификациите за ЕП
Победа или реми, тоа се посакувањата на најдобрите фудбалери на Македонија од вечерашниот натпревар на гости против Ерменија во Ереван (18 часот), четврти во групата 4, лига Д во Лигата на нациите (ЛН). Македонија по три кола е со максимален ефект, забележа три победи, што значи дека позитивниот исход од вечерашниот дуел ќе значи речиси обезбедување на првото место, на две кола до крајот на натпреварите по групи.
Првата позиција во групата Македонија ја носи во повисок ранг во ЛН, во лигата Ц, во следната кампања, во 2022 година. Првото место ќе значи и повластена позиција во плејофот во кој во март 2020-та македонската репрезентација ќе разигрува со една трите првопласирани репрезентации од групите 1, 2 и 3 (лига Д) за пласман на финалниот турнир за Европското првенство (ЕП) во 2020 година.
Финансискиот ефект од играњето во ЛН и освојувањето на првото место е, исто така, битен. За настап во ЛН (лига Д) се добиваат 750.000 евра, плус уште толку за освоеното прво место во групата (премиите за лига Ц се по 1,125 милион евра за учество и за прво место). Настапот во плејофот сигурно ќе донесе и дополнителни приходи од спонзорските и од комерцијалните зделки на УЕФА. Згора, ако Македонија биде најдобра во лигата Д (во моментов е водечка во вкупниот пласман на сите 16 репрезентации) тогаш репрезентацијата ќе скокне во четвртиот барабан пред ждрепката за квалификациите за ЕП 2020.
Но за реализација на математиките и на желбите, потребно е вечерва да се одигра добро и против Ерменија и, што е најбитно, да се победи. Македонија беше супериорна во дуелот против Лихтенштајн во саботата, рутинирано го доби мечот (4-1) и покажа дека местото ѝ е во повисок ранг, со поквалитетни репрезентации. Од друга страна, Ерменците потфрлија, доживеаја вистински нокаут во мечот со Гибралтар (0-1) на домашен терен. Тоа, пак, значи дека Македонија ја очекува тежок натпревар, бидејќи Ерменците ќе сторат сѐ да за се рехабилитираат за тој неочекуван пораз, но и да ѝ се реваншираат за минатомесечниот пораз во Скопје со 0-2.
Македонската фудбалска експедиција од неделата е во Ереван каде што фудбалерите веќе ги одработија предвидените два тренинга, првиот полесен во неделата во спортскиот центарот на Фудбалската федерација на Ерменија (ФФЕ), а официјалниот предвиден за синоќа на стадионот на кој ќе се игра натпреварот.
Според информациите од Ереван објавени на интернет-страницата на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), атмосферата во националниот тим е одлична и сите се решени да дадат максимум, да одиграат офанзивно и да ја забележат четвртата победа во ЛН.
– Тука сме да одиграме најдобро што можеме. Ерменија не е наивна репрезентација, и не нѐ залажува нивниот пораз од Гибралтар. Верувам дека ќе бидеме на ниво и дека ќе ја продолжиме добрата серија – вели Стефан Ристовски, кој на мечот со Лихтенштајн влезе во игра во 77-та минута.
Селекторот на Македонија, Игор Ангеловски, имаше многу проблеми пред мечот со Лихтенштајн поради стомачниот вирус на кој се пожалија неколкумина фудбалери. Лекарскиот тим одлично си го заврши својот дел од работата, ги оспособи за игра и ситуацијата сега е под контрола. Од Ереван нема најави за нешто слично што значи дека Ангеловски ќе може да смета на сите расположливи фудбалери.
Македонија и Ерменија досега одиграле седум натпревари. Македонија е поуспешна со три победи, две средби завршиле без победник, а двапати триумфирале Ерменците (вкупната гол-разлика е 13-11 за Македонија).
Црвено-жолтите се и во серија од 10 меча без пораз.