Барселона одигра без голови на гости против Севилја 0-0, а Лионел Меси (32) остана на бројката од 699 гола во кариерата. Првата шанса да ја пробие магичната граница од 700 гола, Меси ќе ја има на утрешниот меч против Атлетик Билбао.
Хавиер Тебас, првиот човек на Ла лига, кој Меси го нарече „икона на шпанскиот фудбал“, вели дека неговото евентуално заминување од Барселона и од Шпанија, по завршувањето на договорот во 2021-та, ќе биде поголема загуба за Лигата од заминувањето на Кристијано Роналдо во 2018-та.
– Заминувањето на Кристијано иако го вознемири Реал Мадрид, немаше поголем ефект затоа што Ла лига со години работеше да се осигури дека брендот ги надминува играчите. Но случајот со Меси е различен, тој е најдобриот играч во историјата на фудбалот. Имавме среќа да го имаме во Ла лига во текот на целата кариера. Мислам дека ќе се почувствува заминувањето на Меси, особено ако тој отиде во друга лига – изјави Тебас.
Ова не е првпат Тебас да го фаворизира Меси пред Роналдо. Уште во септември, Тебас го нарече Меси „најдобар играч во историјата“ што сега го повтори. Меси на 24 јуни полни 33 години и полека се приближува кон крајот на блескавата кариера во која освои многу титули и постави повеќе индивидуални рекорди.