Моја цел и мој сон е повторно да го освојам тој трофеј и мислам дека Париз е најдоброто место за такво нешто, вели Меси

ФУДБАЛ

Aргентинецот Лионел Меси ја напушти Барселона по 21 година минати во каталонскиот клуб и му се приклучи на ПСЖ, потпишувајќи двегодишен договор. Тој вели дека Бразилецот Нејмар и неговиот сонародник и тренер на ПСЖ, Маурисио Почетино, влијаеле на неговата одлука и оти решил да му се приклучи на ПСЖ, бидејќи верува дека таму има најголеми шанси да ја освои Лигата на шампионите (ЛШ) по петти пат.
Меси одговара и на прашањето дали ПСЖ, кој беше европски вицешампион во 2020 година, може да го направи последниот чекор.
– Мислам дека овој тим е комплетен и оти е подготвен за такво нешто. Имаше и неколку други нови трансфери, но тие беа многу блиску до целта и мислам се подготвени. Дојдов да помогнам и ќе дадам сѐ од себе. Моја цел и мој сон е повторно да го освојам тој трофеј и мислам дека Париз е најдоброто место за такво нешто. Но не е лесно. Понекогаш можете да го имате најдобриот тим на светот и пак да не ја освоите ЛШ, таков е фудбалот. Во најдобрата конкуренција играат најдобрите тимови и многу е тешко да се победи. Потребен ви е многу компактен состав. Оваа соблекувална е многу обединета, но исто така треба и среќа. Тоа е посебно натпреварување и затоа е толку убаво и толку важно, сите сакаме да победиме – рече Меси.

Последниот триумф на Меси во ЛШ беше во 2015, кога Барселона, предводена од него, Нејмар и од Луис Суарез го победи Јувентус во финалето во Берлин со 3-1. Меси првпат во кариерата ќе игра професионален фудбал за клуб надвор од Шпанија. Постои шанса ПСЖ и Барселона да се сретнат во ЛШ и тоа сценарио сигурно ќе донесе емотивно обединување помеѓу Меси и неговиот поранешен клуб, како и можност да се збогува со навивачите на Барселона, кои не беа во можност да бидат сведоци на неговата последна сезона на „Ноу камп“ поради ограничувањата поврзани со ковид-19.
– Барселона е мојот дом, јас сум таму од детството. Доживеав многу работи, добри и лоши. Не знам дали ќе играме еден против друг, но би било многу убаво да се вратам во Барселона, а се надевам дека ќе има и навивачи на трибините. Би било многу чудно да играм таму во друг дрес, но може да се случи – вели Меси.
Договорот на Меси вреди 30 милиони евра годишно, плус бонуси.