На мечот Севилја – Барселона (2-4) повторно шоу на еден човек, на Лионел Меси, кога тој го постигна 50-от хет-трик во кариерата, вкупно 25-ти првенствен гол во Ла лига сезонава
Аргентинскиот фудбалски волшебник Лионел Меси и на 31-годишна возраст (роден е на 24 јуни 1987 година) не покажува знаци на забавување. На мечот Севилја – Барселона (2-4) повторно шоу на еден човек, на Меси, кога тој го постигна 50-от хет-трик во кариерата, вкупно 25-ти првенствен гол во Ла лига сезонава, или во просек по еден гол на секои 75 минути. Меси ѝ има дадено на Севилја неверојатни 35 гола на 36 натпревари, а сезонава има постигнато девет повеќе од Луис Суарез и речиси двојно повеќе од најдобриот стрелец на кој било друг тим, Кристијан Стуани од Жирона, 13 гола.
На 32 натпревари во сите натпреварувања сезонава, Меси има дадено 33 гола вклучувајќи шест во Лигата на шампионите (ЛШ). Во кариерата Меси има постигнато вкупно 650 гола, 585 за Барса и 65 за Аргентина.
– Беше навистина важно да се победи на овој меч, бидејќи нѐ очекуваат тешки натпревари (против Реал, в среда и в сабота). Среќни сме затоа што тоа беше голем триумф, секогаш е тешко да се игра на овој стадион. Не можеме секогаш да играме на највисоко ниво, но успеавме да одиграме добро, да постигнеме голови и да победиме – изјави Меси по мечот во Севилја.
Првиот хет-трик во кариерата Меси го постигна против Реал, во март 2007 година (последниот 50-ти против Севилја во февруари 2019-та). Во период од повеќе од една деценија, Меси постигнал осум хет-трика во ЛШ, 32 во шпанската Ла лига, три во шпанскиот кралски куп, еден во Суперкупот на Шпанија и уште шест на меѓународно ниво, за Аргентина.
Повеќе хет-трикови од Меси има дадено Кристијано Роналдо, 51. Од нив, 34 за Реал во Ла лига, плус три во „кралскиот куп“, а преостанатите 14 за Јувентус, Манчестер јунајтед и за Португалија.
Натаму на таа листа следуваат Луис Суарез со 29 хет-трика (Ајакс, Ливерпул, Барселона и Уругвај), Серхио Агуеро 17 (Атлетико, Манчестер сити и Аргентина), Роберт Левандовски 17 (Борусија Д., Баерн и Полска), Единсон Кавани 15 (Наполи, ПСЖ и Уругвај), Радамел Фалкао 10 (Порто, Атлетико, Монако и Колумбија) итн.