Феликс, Мбапе и Холанд се сметаат за наследници на „фудбалските кралеви“
Меси и Роналдо, кои доминираа минатата деценија

ЖОАО ФЕЛИКС, ФУДБАЛЕР НА АТЛЕТИКО

Фудбалерот на Атлетико, Жоао Феликс (21), покрај Килијан Мбапе од ПСЖ и Ерлинг Холанд од Борусија Дортмунд, се смета за наследник на „фудбалските кралеви“ Лионел Меси и Кристијано Роналдо, кои доминираа минатата деценија.
– Кристијано и Меси достигнаа ниво што ниту еден друг играч не го достигна, а јас се надевам дека ќе можам да го достигнам, што би било одлично за мене. Мбапе и Холанд, исто така, се во добра позиција да го сторат тоа – вели Феликс во интервјуто за англискиот весник „Телеграф“.
Феликс беше јасен во желбата да го искористи примерот на својот португалски идол и соиграч од репрезентацијата Роналдо и на својот натпреварувачки однос со Меси, како инспирација да се поттикне самиот да напредува кон врвот. На прашањето дали тој, Мбапе и Холанд можат да го поттикнат најдоброто еден кај друг, со постојани нови предизвици и поместување на границата, Феликс одговори: „Да, сигурно. Ние сме играчи на слична возраст, сакаме да го сториме истото тоа, сакаме да им покажеме на луѓето дека и ние можеме да направиме многу“.

Феликс се сеќава дека имал девет години кога го видел Роналдо како постигнува еден од многуте голови во ЛШ, против Порто на стадионот „Драгао“, за Манчестер јунајтед. Дванаесет години подоцна тој е заедно со португалската легенда во националниот тим.
– Кристијано секогаш се обидува да ни даде некој совет мене и на сите млади момци околу работата, мотивацијата и сѐ друго. Внимателно слушаме и се обидуваме да ги искористиме неговите совети – вели Феликс.
Како што има разлики помеѓу Роналдо и Меси, така и Феликс е различен играч од Мбапе и од Холанд. Тој може да постигнува голови, но и да асистира.
– Тие се повеќе напаѓачи. Мбапе повеќе е сличен на Кристијано, оди од крило во средината. Јас сум позициониран малку поназад од нив, како втор напаѓач. Би сакал еден ден да играм со нив и се надевам дека и тие би сакале да играат со мене – вели Феликс.


„Се навикнав да играм под притисок“

Познат и по прекарот Менино де Оро, или Златното Момче, во португалските и во шпанските медиуми, Жоао Феликс одигра само една сезона сениорски фудбал во Бенфика пред да замине во Атлетико за обесштетување од 126 милиони евра во 2019 година. Тоа беше втор најскап тинејџерски трансфер во фудбалот, по оној на Килијан Мбапе, и четврти на сите времиња. Феликс се навикна да живее со тој товар, не само со рекордната трансфер-сума туку и со постојаното очекување да игра добро, пишува британскиот „Телеграф“.
– Живеам со тој притисок уште од 18-та година. Понекогаш е тешко, што е и нормално, но се обидувам да живеам со тоа на најдобар начин и да заборавам на високата цена – вели Феликс, син на двајца наставници, кој има и 16-годишен брат Уго, кој е многу ценет во Бенфика.