На листата на „Форбс“ со 100 најплатени славни личности во светот, за една година има 34 спортисти, а меѓу врвните 10 само тројца се фудбалери
Американскиот бизнис-магазин „Форбс“ ја објави листата од 100 најплатени славни личности во светот (листа на која влегуваат глумци, пејачи, комичари, инстаграм-личности, спортисти и многу други), која се прави еднаш годишно врз база на остварените приходи, а во конкретниов случај од 1 јуни 2018 до 1 јуни годинава. Дури една третина од нив не се од САД.
На оваа најнова листа има 34 личности од областа на спортот, а меѓу врвните 10 само тројца се фудбалери. Најбогат спортист во светот е аргентинскиот фудбалер, член на Барселона, Лионел Меси, кој е на високото четврто место со 127 милиони долари. Пред него се само првопласираната, поп-пејачката Тејлор Свифт (185 милиони), моделката и бизнисменка Кајли Џенер (170) и раперот Кание Вест (150).
Од спортистите, според „Форбс“, зад Меси е португалскиот фудбалер Кристијано Роналдо, кој имал 16 милиони помалку заработка од Меси и е на шестото место, а бразилскиот фудбалер Нејмар (105 милиони) е на седмото место.
Деветмина НБА-кошаркари се на оваа листа од 100 најбогати во светот, а Леброн Џејмс е највисокорангиран, на 17-то место (89). Моментно најдобриот светски тенисер, Србинот Новак Ѓоковиќ, е на 55-то место, со 50,6 милиони долари заработка за 12 месеци, а третопласираниот, Швајцарецот Роже Федере, е на 11-то место (93,4). Возачот на Формула 1, Луис Хамилтон е на 49-то место (55).