Во првата сезона на клупата на Салцбург, Марш ја освои титулата првак на Австрија, прв ваков трофеј за тренер Американец на Стариот Континент. Марш стана и првиот Американец што предводел тим во групната фаза на Лигата на шампионите, но и заслужи многу пофални зборови за стилот на игра на неговиот тим
Американецот Џеси Марш (46) дојде во Европа за да „направи име“ за себе и за колегите. И тоа го стори на најдобар можен начин, со освојување на титулата фудбалски првак на Австрија со Салцбург, прв ваков трофеј за тренер од САД на Стариот Континент.
– Мојата главна цел по доаѓањето во Европа, секако дека и амбицијата беше дел од тоа, беше да видам дали мојата идеја за лидерство може да напредува во ова опкружување. Беше да се исплива или да се потоне во Европа – вели за „Асошиејтед прес“, Марш, кој е роден во државата Висконсин.
Во првата сезона како тренер на Салцбург, на Марш не му беше тешко да остане во игра и покрај огромните проблеми. Тој пред пандемијата на коронавирусот, на средината од сезоната, мораше да го обновува тимот откако беа продадени Ерлинг Холанд на Борусија Дортмунд и Такуми Минамино на Ливерпул.
Марш стана и првиот Американец што предводел тим во групната фаза на Лигата на шампионите (ЛШ), но и заслужи многу пофални зборови за стилот на игра на неговиот тим. На натпреварот против Ливерпул лани во октомври на стадионот „Енфилд“ (4-3 за Ливерпул), Салцбург губеше со 0-3, но потоа успеа да израмни на 3-3.
Снимката од неговиот говор на полувремето набргу се рашири на социјалните медиуми. Со мешавина од германски и англиски јазик, тој ги повика играчите да не го респектираат премногу Ливерпул.
Играта на Салцбург се базира врз висок пресинг, исто како и на Ливерпул. И резултатите ретко се здодевни. Од 7 јуни досега Салцбург победуваше со 6-0, 5-1, 7-2 и 5-2.
Други американски тренери што воделе поголеми европски тимови се Боб Бредли, во Свонси, и натурализираниот Американец со германско потекло, Јирген Клинсман во Херта Берлин. Ниту еден нема освоено титула.
Салцбург се потпира на развојот на младите таленти од чија продажба се финансира клубот.
– Ни требаат млади играчи што се брзи и силни и кои можат да играат натпревари во серија, кои ќе се развиваат на најдобар можен начин за потоа со нивните трансфери да се одржува добрата финансиска состојба на клубот, но и да играме допадлив фудбал – вели Марш, кој пристигна во Салцбург во сезоната 2019/2020.