Ван Бастен имаше само 30 години кога се збогува со фудбалот на „Сан сиро“, во Милано, во август 1995 година. Но и покрај кратката кариера, тој постигна доволно за да освои три „златни топки“, две клупски и една европска титула со репрезентацијата, „златната копачка“… Многу негови тренери и колеги го оценуваат како најдобар напаѓач во историјата на фудбалската игра
Во ексклузивното интервју за „Скај спорт“, Марко ван Бастен зборува за извонредната фудбалска кариера, прерано завршена поради тешката повреда на зглобот, за Јохан Кројф, Ариго Саки… Ван Бастен имаше само 30 години кога се збогува со фудбалот на „Сан сиро“, во Милано, во август 1995 година.
– Беше како погреб. Не за мене како личност, туку како за фудбалер. Го почувствував тоа, моите колеги го почувствуваа. Го почувствуваа и гледачите на стадионот, па дури и оние што гледаа дома на телевизија – изјави Ван Бастен за „Скај спорт“.
Но и покрај кратката кариера, тој постигна доволно за да освои три „златни топки“, во 1988, 1989 и во 1992 година. Многу негови тренери и колеги го оценуваат како најдобар напаѓач во историјата на фудбалската игра. Тој триумфира со Холандија на Европското првенство (ЕП) во 1988 година, кога го постигна еден од најубавите голови во финалето. Потоа освои две европски титули едноподруго со Милан (1989 и 1990-та), еден од најдобрите фудбалски тимови во историјата. Но можеше да биде многу подобро доколку не беше сериозната повреда на глуждот.
– Кога само ќе помислам на финалето во Лигата на шампионите во 1993 година, кое го загубивме од Марсеј. Потоа, во 1994 година, ја победивме Барселона. Во 1995-та го загубивме финалето од Ајакс. Уште бев дел од тимот, но не можев да тренирам или да играм – вели Ван Бастен.
На тоа се надоврзува прашањето колку време му требаше да го преболи сето тоа?
– Кога имав околу 48 години. Тогаш прифатив дека е готово – вели тој.
Ван Бастен, кој сега има 56 години, имал време да размислува за можностите што му биле одземени. Тој вели дека не уживал секогаш кога ќе погледнел назад. Но објавувањето на новата автобиографија, „Мојот живот, мојата вистина“, кон крајот на октомври, како да има катарзично искуство за него. Тој се сеќава кога почнале тешкотиите, во 1986 година на натпреварот против Гронинген, кога на трибините бил и неговиот постар брат дојден од Канада.
– Мислам дека сакав да го импресионирам. Имав еден дуел и одеднаш следуваа проблемите со глуждот. Проблемот во тоа време беше што лекарот ми рече дека тоа не е „голема работа“ и оти ќе можам да продолжам да играм со повредата. Продолжив да играм, но чувствував болка – се потсетува Ван Бастен.
Јохан Кројф беше негов ментор и трајно влијаеше врз него. Симболично беше и тоа што го замени Кројф кога дебитира. Можеби најзначајната интервенција на Кројф по раните заеднички денови во Ајакс се случи кога Ван Бастен закрепнуваше пред ЕП 1988. Двајцата имале заеднички тренинзи, еден на еден. Тоа беше катализатор за враќањето што ќе резултира со еден од најголемите моменти на холандскиот фудбал. Иронијата за Ван Бастен е во тоа што неговиот феноменален волеј-удар во финалето на ЕП 1988, речиси од мртов агол, беше можен, како што вели, само поради оштетениот глужд.
– По операцијата во 1987 година глуждот не можеше да се движи добро. Ако треба да се оцени до 100, кај мене тоа би можело да изнесува 80. Тоа беше моето ограничување и кога шутирав кон голот тоа веројатно ми помогна. Нормално, би рекле дека за да постигнете таков гол глуждот мора да биде совршен. Но мојот глужд не беше, а јас постигнав гол со таков глужд – вели Ван Бастен.
Во Италија, неговото неиграње во поголемиот дел од таа прва сезона не беше голем проблем, бидејќи Милан играше одлично, а во главна улога беше друг Холанѓанец.
– Имав среќа што Руд Гулит дојде со мене во Милан и имаше прекрасна прва сезона. Сѐ беше насочено кон Руд, така што никој не се жалеше на моето неиграње, а тоа ми го даде потребниот мир за да заздравам. Но во Италија ме чекаа и морав да ги покажам моите квалитети – рече Ван Бастен.
На терените во Италија, таленти од светска класа имаше насекаде, но напаѓачите мораше да бидат добри за да најдат начин како да поминат покрај немилосрдните одбрани. Ван Бастен успеа во тоа. Во сезоната 1991/92 тој постигна 25 гола, најмногу погодоци во една сезона во Серија А по повеќе од четврт век. Во 1992 година беше прогласен и за најдобар фудбалер на годината во изборот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), но одлуката да се обиде со уште една операција на глуждот значеше дека на 28 години неговата кариера е речиси готова.
На Ван Бастен подоцна му било кажано дека оштетувањето на глуждот што датира од 22-та година обично може да се види кај некои на возраст блиску до 80 години. Операцијата на спојување на глуждот во 1996 година значеше крај на болката.
– Повторно имаше сонце во мојот живот. Можеби ако играв 20 години подоцна, медицината ќе ми помогнеше со повредата. Можев да играм повеќе. Сакав повеќе. Сакав да освојам повеќе важни трофеи. Го видов Кројф на 36 години и начинот на кој играше беше интересен бидејќи тој многу брзо ги сфаќаше ситуациите. Фудбалот може да биде многу убав на таа возраст, бидејќи и покрај тоа што не си силен или брз, сепак, можеш да видиш работи што другите ќе ги видат две секунди подоцна – вели, меѓу другото, Ван Бастен за „Скај“.
МАРКО ВАН БАСТЕН
Роден: 31.10.1964 во Утрехт
Кариера: Ајакс од 1981 до 1987 година, Милан од 1987 до 1995 година
Успеси: Лига на шампионите со Милан во 1989 и 1990 година (истите години и светски клупски првак), Суперкуп на УЕФА во 1989 година, КПК со Ајакс во 1987-та, европски првак со Холандија во 1988 година (уште и прв стрелец и најдобар фудбалер на тоа ЕП), освојувач на „златната топка“ на „Франс фудбал“ во 1988, 1989 и во 1992 година, најдобар фудбалер на годината според ФИФА во 1992 година, „златна копачка“ за најдобар стрелец во Европа за 1986 година итн.
Јохан Кројф и Ариго Саки
Не знам дали книгата ја раскажува вистинската приказна за Ариго Саки затоа што тој беше добар тренер и јас имам добри сеќавања за него. Но сѐ беше многу поразлично од начинот како Јохан Кројф му пријде на фудбалот. Мислам дека начинот на кој Кројф се однесуваше кон тимот е токму она што го сакаат фудбалерите. Ако играте, сакате да нападнете, нели? Со Саки беше поинаку. Се работеше, пред сѐ, на одбраната. Кројф беше поавантуристички и поспектакуларен. Саки беше подисциплиниран. Тоа беше само поинаков начин, вели Марко ван Бастен за „Скај“.
Инспирација
Јохан Кројф беше моја инспирација, мојот херој. Сакав да бидам како него. Мојот херој беше во исто време во Амстердам кога бев и јас. Тој беше многу умен во тоа како играше и како размислуваше за фудбалот. Тој ни беше речиси како учител, ни објаснуваше што е важно на теренот. Тој го виде талентот во мене, но сакаше да бидам број 10 за да имам поголемо влијание врз играта, не само да постигнувам голови. Тоа го правеше тоа во неговата кариера и го сакаше тоа и од мене. Но јас сакав да постигнувам голови и да бидам ѕвезда. Ме стави да играм како број 10, а Џон Босман како напаѓач, тој постигнуваше многу голови и тоа не ми се допаѓаше, вели Марко ван Бастен, пренесува „Скај“.
„Знам дека бев добар фудбалер“
Ако не добивам доволно внимание, сакам повеќе внимание. Ако имам премногу внимание, сакам тоа да престане. Не е секогаш лесно да се разберам себеси. Имав убави години во Ајакс, прекрасни години со Милан и освоив нешто со репрезентацијата. Кога имав 25 години, сакав да освојам многу повеќе од ова. Но знам дека бев добар фудбалер, па затоа сум среќен. Ми требаше многу за да разберам дека тоа што го направив е доволно добро, вели Марко ван Бастен.