Добро правило е никогаш да не се исклучува нешто што се покажува како вредно или има потенцијал. Околностите го направија овој формат задолжителен, но исходот не можеше да биде подобар, изјави Џорџо Маркети, заменик-генерален секретар на УЕФА

ФУДБАЛ – УЕФА РАЗМИСЛУВА ЗА ФАЈНАЛЕЈТ-ТУРНИР ОД 2024 ГОДИНА

Од Европската фудбалска унија (УЕФА) велат дека ја разгледуваат опцијата за т.н. фајналејт-турнир (турнир со осум тима), како начин за завршување на сезоните во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ) од 2024 година.
Тој формат, со по еден натпревар, беше усвоен за минатата сезона од практични причини и како најефикасен начин да се заврши меѓународната фудбалска сезоната во услови на пандемија на ковид-19, а се покажа како полн погодок. УЕФА има обврска кон ТВ-компаниите да се играат по два натпревара во нокаут-фазата во следните години, но не ја исклучува можноста за промена на форматот потоа.
– Добро правило е никогаш да не се исклучува нешто што се покажува како вредно или има потенцијал. Знаеме дека има многу елементи што треба да се земат предвид, како што се календарски и организациски ограничувања, вклученост на гледачите, економски импликации, но сигурно ќе го проучиме овој формат и неговите варијации. Играњето по еден нокаут-натпревар очигледно фаворизира неизвесност и емоции.

Добивме одлични повратни информации од клубовите, од ТВ-компаниите и од другите партнери, како и од гледачите. Околностите го направија овој формат задолжителен, но исходот не можеше да биде подобар – изјави Џорџо Маркети, заменик-генерален секретар на УЕФА, за Прес-агенцијата (ПА).
Завршната фаза во ЛШ со осум тима во сезоната 2019/2020 се одржа во Лисабон (Португалија), а германските градови Келн, Дуизбург, Диселдорф и Гелзенкирхен беа домаќини на мечевите во ЛЕ.