Во полуфиналето Манчестер сити беше подобар од ПСЖ победувајќи го со вкупни 4-1, со што стана 42-от тим, деветти од Англија, што ќе игра во големото финале на 29 мај во Истанбул

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Манчестер сити се пласира во првото финале во Лигата на шампионите (ЛШ) во клупската историја, по победата над француски Пари сен Жермен и во вториот полуфинален натпревар, 2-0 (вкупнo 4-1). Двата гола ги постигна Ријад Марез, за него вкупно четири на осумте меча како стартер сезонава во ЛШ.
Манчестер сити е 42-от тим што стигнал до финале на Купот на европските шампиони/ЛШ, односно деветти од Англија, три повеќе од која било друга нација (Германија и Италија се со по шест тима финалисти). Манчестер сити е на 90 минути од славата и од трофејот што е голема желба и крајна цел на богатите газди од Абу Даби, откако го купија клубот во септември 2008 година, кога се смени и пејзажот на англискиот фудбал. Оттогаш па наваму Манчестер сити освои четири и е на чекор до петтата титула во Премиер-лигата, но пехарот во ЛШ отсекогаш бил најпосакуван. За Манчестер сити ова ќе биде прво европско финале, по она во Купот на победниците на куповите (КПК) во 1970 година, кога во Виена го победи полски Горник Забрже со 5-1. Сега, 51 година подоцна „граѓаните“ повторно имаат шанса да слават.
ПСЖ не се прослави во двата полуфинални дуела, на кои во реваншот во Манчестер не упати ниеден удар на противничкиот гол, а на двата меча имаше и две исклучувања, Идриса Геј и Анхел ди Марија.

Своевремено, поранешниот менаџер на Манчестер јунајтед, Алекс Фергусон, потценувачки ги опиша како „бучни соседи“, но Манчестер сити не само што стана водечки клуб во градот Манчестер туку е доминантен во Англија и во Европа.
– Секако дека се инвестирани многу пари откако шеикот Мансур го презеде клубот, но не е само тоа. Направени се и многу неверојатни работи зад сцената. Пласманот во финалето на Лигата на шампионите ни помага да сфатиме што сме направиле во последните четири години, тоа е неверојатно – изјави менаџерот на Сити, Пеп Гвардиола, кој има освоено четири Лига-купа, еден ФА-куп и е пред освојување на третата титула во последните четири сезони во Премиер-лигата.

Доколку Сити триумфира во финалето на 29 мај, Гвардиола (50) ќе им се придружи на Боб Пејсли, Карло Анчелоти и на Зинедин Зидан, кои како тренери/менаџери трипати го освојувале КЕШ или ЛШ. Во 12 сезони минати на клупата на Барселона, Баерн и на Манчестер сити, Гвардиола има освоено 25 трофеи, од кои два во ЛШ, со Барселона (2009 и 2011), што го прави еден од најуспешните во фудбалска историја.
– Да се стигне до финалето во ова натпреварување е многу тешко поради квалитетот на противниците. Пласманот во финалето има смисла по сето она што го направивме во минатите четири или пет години. Овие момци секој ден беа постојани и ова е извонредно – изјави Гвардиола.
Во второто полуфинале, синоќа, играа Чел­си и Ре­ал. Првиот меч во Мадрид заврши нерешено 1-1.


Единаесет победи сезонава без пораз

Манчестер сити ја има најуспешната европска кампања за англиски тим во историјата на Лигата на шампионите (ЛШ) со 11-те рекордни победи, меѓу кои се последните седум во низа, со само едно реми, без ниеден пораз.
За менаџерот на Сити, Пеп Гвардиола, ова ќе биде прво финале по 2010/2011 година, во кое неговите избраници ќе се обидат да го освојат третиот трофеј сезонава, откако веќе триумфираа во Карабао-купот и се на само една победа до титулата во Премиер-лигата. Во историјата на КЕШ/ЛШ во сите 48 случаи кога англиската екипа го добила првиот натпревар на гости во нокаут-фазата, се пласирала во следната рунда. Л.Д.