Манчестер сити се пласираше во финалето на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) првпат во клупската историја откако го елиминира Пари Сен Жермен со вкупен резултат од 4-1 во полуфиналниот двомеч, по вечерашната победа од 2-0. Ријад Марез беше двоен стрелец за „граѓаните“ во 11-та и во 63-та минута.
Гостите, пак, го завршија мечот без упатен удар во рамки на противничкиот гол, наспроти постојаните напади, што покажува дека беа далеку од пресврт. Францускиот првак настапи без повредениот Килијан Мбапе кој мечот го помина на клупата за резервни фудбалери. Згора, ПСЖ остана со фудбалер помалку по директниот црвен картон за Анхел ди Марија во 69-та минута, откако тој намерно го згазна противничкиот фудбалер Фернандињо.
Манчестер сити предводен од Пеп Гвардиола доаѓа на чекор од посакуваниот трофеј во ЛШ, по годините исполнети со разочарувања и покрај потрошените 1,47 милијарди евра на трансфери од 2008 година.
„Граѓаните“ се во низа од седум победи во ЛШ, со што поставија и нов англиски рекорд за најмногу добиени мечеви во едно издание од престижното натпреварување – вкупно 11.
Сити, во финалето на 29 мај во Истанбул, ќе се сретне со подобриот од утрешниот дуел помеѓу Челси и Реал Мадрид (прв меч 1-1).