Во квалификациите за СП 2022

Фудбалската репрезентација на Македонија се најде во групата Ј од квалификациите за Светското првенство во 2022 година во Катар, заедно со Германија, Романија, Исланд, Ерменија и со Лихтенштајн. Ова е резултат од ждрепката влечена вечерва во седиштето на Светската фудбалска федерација (ФИФА) во Цирих, Швајцарија.
 
„Рисовите“ првпат ќе се сретнат против четирикратниот светски првак Германија, додека претходно играа против останатите ривали од групата.
Квалификациските натпревари треба да почнат во март 2021 година, со тоа што 10-те првопласирани во групите директно ќе се пласираат на финалниот турнир.
 
Десетте второпласирани селекции ќе разигруваат во плејофот (во по три нокаут-натпревари), каде што ќе им се придружат две репрезентации со најдобар ефект во групите во Лигата на нации (ЛН), кои нема да се квалификуваат директно или не стигнале до баражот. Преку разигрувањето ќе се добијат уште три европски репрезентации за настап на Мундијалот во 2022 година, вкупно 13 селекции.
 
СП 2022 првпат ќе се игра наесен, од 21 ноември до 18 декември. На завршниот турнир ќе играат 32 репрезентации, а актуелен светски првак е Франција.