Фото: Игор Бансколиев

Дуелот со Романија ќе се игра на арената „Национал“, каде што Македонија ќе ги одигра и првите два од трите натпревари во групната фаза на
деби-настапот на Европското првенство во јуни

ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022

Македонија утревечер ѝ гостува на Романија, во првиот меч во квалификациската група Ј, за пласман на Светското првенство (СП) во 2022 година во Катар. Мечот ќе се игра на арената „Национал“ во Букурешт (20.45 часот), каде што Македонија треба да ги одигра и првите два од трите натпревари во групната фаза на деби-настапот на Европското првенство (ЕП), со репрезентациите на Австрија и на Украина, во јуни.
Репрезентацијата на Македонија денеска треба да патува за Романија, по кратките подготовки во Скопје, во речиси комплетен состав. Романија не се квалификува на ЕП 2020 (беа елиминирани во полуфиналето на баражот од Исланд) на кој е еден од 12-те кодомаќини, не блескаше ниту во Лигата на нации (ЛН), во која ја освои третата позиција во групата 1, Лига Б, зад Австрија и зад Норвешка. Романците (сега 37. на ранг-листата на Светската фудбалска федерација) се сметаат за фаворити, барем на хартија, против Македонија, желни се да се вратат на победничките патеки и играат дома, иако на празен стадион. Од друга страна, Македонија е во налет, со солидна доза на самодоверба по пласманот на ЕП, згора има искуство, што е многу битно.
Во меѓусебните натпревари со Романија, во квалификациите за СП 1998 и за СП 2006, Македонија беше поразена на четирите дуели, 0-3, 2-4, 1-2, 1-2. Единствената победа Македонија ја прокнижи во пријателскиот меч во 2010 година (1-0).


ДВОЈКИ ЗА ДЕНЕСКА

Група А: Португалија – Азербејџан, Србија – Р. Ирска
Група Д: Финска – БиХ, Франција – Украина
Група Е: Белгија – Велс, Естонија – Чешка
Група Г: Гибралтар – Норвешка, Летонија – Црна Гора, Турција – Холандија
Група Х: Кипар – Словачка, Малта – Русија, Словенија – Хрватска