Барди (десно) го постигна израмнувачкиот гол за Македонија

Во второто квалификациско коло за ЕП 2020, Македонија ремизира на гости со Словенија, 1-1

Одличен старт на фудбалската репрезентација на Македонија во квалификациите за Европското првенство (ЕП) 2020, група Г, освоени се четири бода од можни шест по првите две кола. На победата над Летонија во Скопје (3-1) се надоврза ремито на гости против Словенија (1-1), што е добра најава дека Македонија, конечно, би требало да биде сериозен кандидат за освојување на едно од првите две места што водат на финалниот турнир на ЕП 2020.

Црвено-жолтите со ова реми и натаму имаат подобар биланс од Словенија во меѓусебните дуели, три победи, по едно реми и пораз и гол-разлика 10-5.

Македонија ја продолжи серијата позитивни резултати, девет победи, пет ремија и само еден пораз (од Ерменија во октомври лани, 0-4), на последните 15 меча. Словенците, кои и на петтиот меч по ред одиграа 1-1, немаат забележано триумф на последните 10 официјални средби (од 2017). Македонија во Љубљана одигра цврсто и дисциплинирано и заслужено се враќа со бод иако Словенците имаа теренска иницијатива, поголем посед на топката (60 наспроти 40 отсто), упатија повеќе удари на голот на Столе Димитриевски (15 спрема 8), имаа и повеќе успешни додавања, 319, односно 217, но кога се ќе се собере и одземе, не заслужија повеќе од бод.

Македонците одиграа висок пресинг, спречија топката побрзо да се префрла на нивната половина, но и опасно напаѓаа од полуконтрите, особено по левата страна, каде што „оперираше“ Езџан Алиоски.

– Задоволен сум од освоениот бод, но мислам дека имавме подобри шанси од Словенија, кои не ги искористивме заради недоволна концентрација – вели селекторот на Македонија, Игор Ангеловски. 


Австрија реди порази, Полска победи

Израел ја совлада Австрија во Хаифа, со 4-2, првпат по 20-годишна пауза, благодарение на хет-трикот на Еран Захави, и по две кола има четири бода. Австријците, кои важат за еден од фаворитите, барем на хартија, за пласман во завршницата на ЕП 2020, го претрпеа вториот пораз во низа (во 1-то коло загубија од Полска во Виена со 0-1).
Полјаците не дозволија изненадување, ја забележаа втората победа, овој пат над Летонија во Варшава, со 2-0, во меч во кој Роберт Левандовски го прекина постот долг осум натпревари без постигнат гол во репрезентативниот дрес.