Црвено-жолтите од 2017-та до годинава одиграа 19 официјални натпревари на гости, на 15 не беа поразени (девет победи и шест ремија), постигнаа вкупно 34 гола, на осум средби не примија погодок… Македонија ќе гостува во полуфиналниот меч во баражот за пласман на СП 2022, а можни противници се Италија, Португалија, Шкотска, Велс, Русија и Шведска
ФУДБАЛ – ПО ПЛАСМАНОТ ВО БАРАЖОТ ОД КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА СП 2022
Македонската фудбалска репрезентација, која ќе гостува во полуфиналниот натпревар во баражот за пласман на Светското првенство (СП) в година во Катар, од 2017 година на гости има одлични резултати, а особено успешна беше годинава. Македонија во минатите пет години одигра 19 официјални натпревари на гостински терен, и тоа во два циклуса квалификации за СП и еден за европските првенства (ЕП), како и во две сезони на Лигата на нациите (ЛН) и има позитивен резултат (однос победи – порази) и позитивна вкупна гол-разлика.
Црвено-жолтите во тој период забележаа девет победи, од тоа пет во квалификации за СП, една за ЕП, две во ЛН и една во баражот за пласман на ЕП 2020 од системот на Лигата на нациите, потоа шест ремија, по две во секое натпреварување, како и четири пораза, два во циклусот за ЕП и по еден во ЛН и во квалификациите за СП (во оваа пресметка не се земени предвид еден официјален дуел на неутрален терен во ЛН и три средби на ЕП 2020, а и со нив вкупниот резултат би бил позитивен – 23 меча, девет победи, шест ремија и осум порази). Македонија сега вкупно има 15 победи на гости на официјални натпревари.
Во 2017 година, Македонија беше непоразена на трите дуела на гости во квалификациите за СП 2018, откако победи на средбите со Лихтенштајн (3-0) и со Израел (1-0), а ремизира со Италија (1-1). Следната година се играше првата сезона на Лигата на нациите, а во трите настапи на гости црвено-жолтите триумфираа на средбите со Гибралтар (2-0) и со Лихтенштајн (2-0) и загубија од Ерменија (0-4). Во 2019 година се играа средбите од квалификациите за континенталниот шампионат во 2020 година и Македонија на туѓ терен оствари една победа (над Летонија со 2-0), две нерешени средби (Словенија и Израел, по 1-1) и два пораза (Полска 0-2 и Австрија 1-2). Лани македонската фудбалска репрезентација одново одигра три натпревари на гости, двапати ремизира во втората сезона на Лигата на нациите, со Грузија (1-1) и со Естонија (3-3), а победи во финалето на баражот за пласман на ЕП 2020, во рамките на првиот циклус на Лигата на нациите, на натпреварот со Грузија (1-0).
Годинава следуваа пет средби, сите во квалификациите за Светското првенство во 2022 година, со нов годишен рекорд во остварени победи на гости, три (Германија 2-1, Лихтенштајн 4-0 и Ерменија 5-0), а беа забележани и по еден нерешен резултат (Исланд 2-2) и пораз (Романија 2-3). Претходниот рекорд за најмногу победи во една година во официјални мечеви на гости беше во 2006 година, две.
Вкупно на 19-те официјални натпревари на гостински терен од 2017 до 2021 година, Македонија постигна 34 гола (не ја затресе противничката мрежа само на средбите со Ерменија и со Полска), а прими 21 гол (на осум дуели репрезентацијата не прими погодок), од нив три се од пенал. Ефикасноста особено се зголеми годинава, кога Македонија постигна 15 гола на туѓ терен (во просек по три на натпревар, а прими вкупно шест погодока, од кои еден од пенал).
Можни противници на Македонија во полуфиналето се Италија, Португалија, Шкотска, Велс, Русија и Шведска. Ждрепката на двојките за баражот треба да биде влечена в петок. Полуфиналињата на програмата се на 24 март в година и во нив ќе гостуваат неносителите (Македонија, Полска, Турција, Чешка, Австрија и Украина). Трите финалиња се предвидени за 29 март 2022 година, а домаќините на тие натпревари ќе бидат одредени со ждрепка.
ОФИЦИЈАЛНИ МЕЧЕВИ НА ГОСТИ ПРЕТХОДНИВЕ ПЕТ ГОДИНИ
2017 г. 3 2 1 0 5-1
2018 г. 3 2 0 1 4-4
2019 г. 5 1 2 2 5-6
2020 г. 3 1 2 0 5-4
2021 г. 5 3 1 1 15-6
ВКУПНО 19 9 6 4 34-21
Колоните се мечеви, победи, ремија, порази, гол-разлика. За оваа листа не се земени предвид средбата на неутрален терен во Лигата на нациите и натпреварите на Европското првенство годинава