Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонија го победи Лихтенштајн со 5-0, за втора највисока победа во квалификациите за ЕП или за СП, а највисока дома на официјалните натпревари. Највисоката победа воопшто е остварена во ноември 1996 година, исто така против Лихтенштајн, на гости, со 11-1, во квалификациите за СП 1998. Во 3-то коло од квалификациите за СП 2022, Македонија утре гостува кај четирикратниот светски првак Германија, на првата меѓусебна средба на двете репрезентации

ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022

Македонија го совлада Лихтенштајн со убедливи 5-0, во второто квалификациско коло во групата Ј, за пласман на фудбалското Светско првенство (СП) во 2022 година во Катар и се врати на победничките патеки по поразот на првиот натпревар, од Романија, со 2-3, на гости. Во третото коло Македонија утре гостува кај четирикратниот светски првак Германија, на првата меѓусебна средба на двете репрезентации.
Репрезентацијата на Македонија, која беше доминантна на мечот со Лихтенштајн, во секој поглед (75-25 отсто посед на топка, 21-2 удари на гол, итн.), поведе со голот на Енис Барди уште во седмата минута. Заслужената победа и разликата во класа беа потврдени во второто полувреме со двата погодока на Александар Трајковски, на Елиф Елмас и на Илија Несторовски, од пенал.
– Првата цел беше да се забележи поубедлива победа, а втората да не се исцрпат играчите и да ја задржат свежината за мечот со Германија. Задоволен сум како излезе сѐ, иако можевме да постигнеме уште некој гол. Она што го предвидовме се оствари, забележавме голема победа, што е секогаш тешко против кој било противник во денешни услови – рече селекторот на Македонија, Игор Ангеловски.

Ангеловски се реши за поофанзивна формација (4-4-2) на овој меч, и тоа функционираше добро. Тој направи и неколку измени во составот по поразот од Романија во првото коло, што, исто така, се покажа како правилна одлука. Ова особено се однесува за шпицот на нападот, каде што на местото на Несторовски се најде Трајковски, кој ја потврди добрата форма постигнувајќи два гола, вкупно три на двата меча.
По две кола, Македонија е трета во групата Ј, со ист број бодови со Романија, но со подобра гол-разлика, која е решавачка при бодовна израмнетост. Водат Германија и Ерменија со по шест бода, а без бодови се Исланд и Лихтенштајн.
Ова е втора највисока победа за Македонија на официјалните натпревари, во квалификациите за европските или за светските првенства, но највисока дома во еден таков меч (во пријателски натпревар Македонија има победа со 5-0, со Малта, во 2002 година). Највисоката вкупно беше остварена во ноември 1996 година, исто така против Лихтенштајн, на гости, со 11-1, во квалификациите за СП 1998.

За Македонија ова беше деветта победа (има и едно реми) на 10-те досегашни натпревари со Лихтенштајн (вкупна гол-разлика 38-5).
Македонија е во серија од седум меча без пораз на домашен терен (шест победи и едно реми). Последниот пораз во Скопје, Македонија го претрпе од Австрија (1-4), во јуни 2019 година, во квалификациите за ЕП 2020-та.


ГРУПА Ј

Македонија – Лихтенштајн 5-0
Романија – Германија 0-1
Ерменија – Исланд 2-0

ТАБЕЛА
Германија 2 2 0 0 4-0 6
Ерменија 2 2 0 0 3-0 6
Македонија 2 1 0 1 7-3 3
Романија 2 1 0 1 3-3 3
Исланд 2 0 0 2 0-5 0
Лихтенштајн 2 0 0 2 0-6 0

Идно коло (утре): Германија – Македонија, Ерменија – Романија и Лихтенштајн – Исланд


НАЈВИСОКИ ПОБЕДИ НА МАКЕДОНИЈА

ДВОЈКА                                    РЕЗ.                       ТИП
Лихтенштајн – Македонија        1-11                       квалификации за СП 1998
Македонија – Лихтенштајн         5-0                        квалификации за СП 2022
Македонија – Малта                   5-0                        пријателска 21.8.2002


РЕЗУЛТАТИ, 2. КОЛО

Група Б: Грузија – Шпанија 1-2, Косово – Шведска 0-3. Идно коло (утре): Грција – Грузија, Шпанија – Косово.
Група Ц: Бугарија – Италија 0-2, Швајцарија – Литванија 1-0. Идно коло (утре): Литванија – Италија, Северна Ирска – Бугарија.
Група Д: Казахстан – Франција 0-2, Украина – Финска 1-1. Идно коло (утре): БиХ – Франција, Украина – Казахстан.

Група Ф: Данска – Молдавија 8-0, Австрија – Фарски Острови 3-1, Израел- Шкотска 1-1. Идно коло (утре): Австрија – Данска, Молдавија – Израел, Шкотска – Фарски Острови.
Група И: Албанија – Англија 0-2, Полска – Андора 3-0, Сан Марино – Унгарија 0-3. Идно коло (утре): Андора – Унгарија, Англија – Полска, Сан Марино – Албанија.

ДЕНЕСКА ИГРААТ
Група А: Азербејџан – Србија, Луксембург – Португалија.
Група Е: Белгија – Белорусија, Велс- Чешка.
Група Г: Гибралтар – Холандија, Црна Гора – Норвешка, Турција – Летонија.
Група Х: Хрватска – Малта, Кипар – Словенија, Словачка – Русија.