Македонија и Грузија ремизираа 1-1 во вечерашниот меч одигран на арената „Тодор Проески“ во Скопје, во рамки на фудбалската Лига на нациите (ЛН), лига Ц, група 2.
Избраниците на Игор Ангеловски имаа иницијатива од средината на првиот дел, што резултираше со најдобрата прилика за гол во која се најде капитенот Горан Пандев. Националната селекција остана со играч помалку во 68-та минута откако голманот Столе Димитриевски доби директен црвен картон поради играње со рака надвор од шеснаесетникот. Грузија ја искористи предноста на теренот за да го отвори резултатот преку Хвица Кварацкелија во 75-та минута. Но, Македонија не се предаваше и дојде до реми со голот на Езџан Алиоски од пенал во судиското надополнување на мечот.
Овој натпревар беше битен во трката за челната позиција во групата, но е и увертира на главниот дуел помеѓу овие две репрезентации, во финалето на плејофот на минатата сезона на ЛН, во Тбилиси, на 12 ноември, за пласман на Европското првенство (ЕП) в година.
Македонија и Грузија првпат играа меѓу себе на 8 септември годинава и тој меч во Тбилиси заврши без победник, 1-1. По три кола во новиот циклус натпревари во ЛН, Македонија и Грузија имаат по шест бода. Ерменија е трета со пет, а Естонија е последна со два бода, откако овие две селекции вечерва одиграа 1-1. Првопласираната репрезентација во групата ќе се пласира во повисок ранг, во лигата Б.