Во секое од претходните учества во квалификациите за СП и за ЕП македонската репрезентација забележуваше два пораза барем од еден противник во групата, а во циклусот за СП 2022 освои шест бода со Лихтенштајн, по четири со Ерменија и со Исланд, три со Германија и еден со Романија. Тоа е само еден од повеќе од половина дузина рекорди поставени на патот кон Мундијалот во Катар
ФУДБАЛ – ПОКРАЈ МНОГУТЕ РЕКОРДИ ВО КВАЛИФИКАЦИСКИОТ ЦИКЛУС ЗА ПАМЕТЕЊЕ
Првпат достигнатото второ место во една квалификациска група и првиот пласман во бараж за играње на светските првенства (СП) се само два од многуте рекорди што ги постигна македонската фудбалска репрезентација во циклусот за пласман на СП в година во Катар. Со победата над Исланд, со 3-1, во 10. коло на групата Ј, Македонија го освои второто место, со рекордни 18 бода и со рекорден број голови, 23, како и со рекордна гол-разлика од плус 12.
Но во циклусот за пласман на СП 2022, првпат во едни квалификации, за мундијалите или за европските првенства, фудбалската репрезентација на Македонија освои барем еден бод со секој од противниците во групата. Македонија во десетте кола освои шест бода на средбите со Лихтенштајн, по четири во дуелите со Ерменија и со Исланд, три со Германија и еден од мечевите со Романија. Во секое од претходните шест учества во квалификациите за светските првенства и седумте за континенталните шампионати, македонската репрезентација забележуваше два пораза барем од еден противник во групата.
Црвено-жолтите во десетте кола во квалификациите за СП 2022 освоија 60 отсто од вкупниот број можни бодови. Тој процент е рекорден и е далеку над просекот на освоени бодови во сите досегашни квалификации за СП, кој до овој циклус изнесуваше 31 отсто (претходно најмногу во квалификациите за СП 1998, освоени 43 проценти од бодовите) или од квалификациите за ЕП, кој е 29,9 (најмногу во циклусот за ЕП 2020, 47 отсто).
Со огромната жетва на бодови, Македонија се најде на највисокото место досега во квалификациска група, второто (претходно највисок пласман во циклус за СП беше четвртото, а заедно со квалификациите за ЕП, третото, за ЕП 2020). Тековните квалификации ги обележи и тоа што Македонија освои повеќе бодови на гости отколку дома (рекордни 10 на гости и осум дома), како и во квалификациите за СП 2018 (седум на гости и четири дома).
Репрезентацијата веќе подолг период е во нагорна линија. Прво, првпат беше освоено третото место во една квалификациска група, за ЕП 2020, потоа Македонија низ Лигата на нации се пласира и победи во баражот за пласман на ЕП 2020, дебитира на ЕП, а сега во циклусот за СП 2022 како никогаш досега прво беше во игра за пласман во баражот до последното коло и тој бараж и го достигна, со рекордното второ место, зад гигантот, четирикратниот светски првак Германија, кого во март Македонија го победи на гости.
Само црвено-жолтите од четвртиот барабан се пласираа во баражот
Македонската фудбалска репрезентација пред ждрепката на групите за квалификациите за пласман на Светското првенство (СП) в година во Катар беше сместена во четвртиот барабан. Но, и покрај тоа, се пласира пред селекциите од вториот (Романија) и од третиот барабан (Исланд) и ќе игра во баражот за дебитантски настап на СП. Од четвртиот барабан, само Македонија ќе игра во баражот за СП 2022, ниту една селекција од петтиот и од шестиот барабан. Од третиот барабан ниту една селекција не се пласира директно, а во баражот до мечевите во неделата се пласираа Русија, Чешка и Шкотска.
Од 14-те селекции од Европа што играа на СП 2018, само Исланд сигурно нема да настапи на СП 2022. Од другите, директен пласман обезбедија Франција, Хрватска, Белгија, Данска, Германија, Србија и Шпанија, во баражот се Шведска, Португалија и Русија, а пред последните мечеви во групите сигурен настап барем во баражот имаат Швајцарија, Англија и Полска.
Можни противници во полуфиналето Португалија, Русија…
Ждрепката за баражот за пласман на фудбалското Светско првенство во 2022 година ќе биде влечена на 26 ноември, а засега можни противници на Македонија се Португалија, Русија, можеби Шведска, потоа Швајцарија или Италија, Полска или Англија и Велс или Чешка. Полуфиналето, во кое Македонија ќе гостува, е на 24 или на 25 март в година, а финалето, чиј домаќин ќе биде одреден со ждрепка, е на 28 или на 29 март.
НЕКОИ РЕКОРДИ НА МАКЕДОНИЈА ВО ОВИЕ КВАЛИФИКАЦИИ
- највисок пласман во група, 2. место (претходен рекорд трето место)
- првпат пласман во бараж за играње на светско првенство
- првпат освоени бодови од мечевите со секој противник
- најмногу освоени бодови, 18 (претходен рекорд 14)
- најголем процент освоени бодови од можните, 60 отсто (претходен рекорд 47)
- најмногу голови во квалификациска група, 23 (претходен рекорд 22)
- најмногу победи во квалификациска група, пет (претходен рекорд четири)
- најмногу освоени бодови на гости, 10 (претходен рекорд седум)
- најдобра гол-разлика, плус 12 (претходен рекорд плус четири)
БОДОВНО НАЈУСПЕШНИ КВАЛИФИКАЦИИ
СП 2022 18 30 60
ЕП 2020 14 30 47
СП 1998 13 30 43
ЕП 2008 14 36 39
СП 2018 11 30 37
во првата колона се освоените бодови, во втората можните бодови, во третата процент на освоени бодови