Фото: Игор Бансколиев

Мечот утре ќе биде 11-ти натпревар помеѓу двете репрезентации. Македонија е многу поуспешна, со девет победи и едно реми (вкупната гол-разлика е 38-5)

ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022

Македонија утревечер ,на стадионот „Ранјпарк“ во Вадуц (20.45 часот), му гостува на Лихтенштајн, во рамките на седмото квалификациско коло во групата Ј, за пласман на фудбалското Светско првенство (СП) во 2022 година во Катар. Ова ќе биде 11-ти натпревар помеѓу двете репрезентации. Македонија е многу поуспешна, со девет победи и само едно реми (вкупната гол-разлика е 38-5). Од победите на Македонија, за издвојување е рекордната, 11-1 во ноември 1996 година во Вадуц, во квалификациите за Светското првенство во 1998 година. Македонија ги доби претходните пет меча со Лихтенштајн (вкупна гол-разлика 18-1), меѓу нив и оној во март годинава во Скопје, со 5-0, во квалификациите за Мундијалот в година.
Фудбалската репрезентација на Македонија одигра нерешено на претходните три квалификациски натпревари за пласман на Светското првенство во 2022 година, без голови дома, со селекциите на Ерменија и на Романија, и 2-2 на гости кај Исланд. Лихтенштајн е последен во групата Ј, со еден бод по шесте одиграни натпревари, од дуелот на гости кај Ерменија во Ереван (1-1) минатиот месец, и со вкупна гол-разлика 2-15. Лихтенштајн нема победа на минатите 12 натпревари и прими 26 гола на претходните седум средби.

Ваквата статистика покажува дека Македонија е фаворит за победа и на овој натпревар. Но треба да се има предвид дека во септември годинава Лихтенштајн освои еден бод во Ереван, каде што имаше само 22 отсто посед на топката и само три удари на голот (Ерменците 28), успеа да ги издржи налетите и да не загуби.
Македонија не постигна ниту еден гол на двата претходни меча дома, со репрезентациите на Ерменија и на Романија, и тоа мора да се промени за победа утревечер, три бода и за задржување на шансите за освојување на второто место во групата, што носи играње во баражот за пласман на Светското првенство в година.
– Мораме да победиме за да останеме во игра за пласман на Светското првенство. Се надевам дека ќе се вратиме со три бода од ова гостување. Треба да го одиграме тоа што ќе го побара селекторот од нас. Ќе се обидеме да ја подобриме реализација, но и некои други детали во играта. Лихтенштајн игра дефанзивен фудбал, компактни се и ќе биде тежок натпревар. Потоа против Германија ќе биде уште потешко, но наше е да одиграме како што знаеме и умееме. Се надевам дека од двата натпревара ќе освоиме што е можно повеќе – изјави пред заминувањето за Лихтенштајн македонскиот репрезентативец Елиф Елмас.


ГРУПА Ј, 7. КОЛО

Лихтенштајн – Македонија утре
Германија – Романија утре
Исланд – Ерменија утре
трите меча се од 20.45 часот

ТАБЕЛА
Германија 6 5 0 1 17-2 15
Ерменија 6 3 2 1 7-9 11
Романија 6 3 1 2 9-6 10
Македонија 6 2 3 1 11-6 9
Исланд 6 1 1 4 6-14 4
Лихтенштајн 6 0 1 5 2-15 1