Фото: Игор Бансколиев

На Македонија ѝ е доволно и реми денеска со Ерменија на мечот во Никозија (Кипар) за освојување на првото место во групата 2, што води во повисок ранг, во лигата Б, во следниот циклус натпревари во Лигата на нациите

ФУДБАЛ – ЛИГА НА НАЦИИ

Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва (18 часот) игра против Ерменија на неутрален терен во Никозија (Кипар), во шестото коло, лига Ц, група 2, во Лигата на нациите (ЛН). На Македонија ѝ е доволно и реми за освојување на првото место во групата што води во повисок ранг, во лигата Б, во следниот циклус натпревари во ЛН. Во првото издание на натпреварувањето, Македонија беше прва во својата група, тогаш во лигата Д, со што обезбеди пласман во лигата Ц.
По пет кола Македонија е без пораз, со две победи и три ремија и девет бода, а на табелата потоа следуваат Ерменија со осум бода, Грузија со шест и Естонија со два бода. Но пред овој дуел селекторот на македонската репрезентација, Игор Ангеловски, не ќе може да смета на повеќе од половината стандардни репрезентативци, почнувајќи од капитенот Горан Пандев, па до најмладиот, Елиф Елмас. Еден од новоповиканите во националниот состав е играчот од средниот ред на Вардар, Дарко Мицевски.

– Секогаш е чест да се биде дел од најдобрата репрезентација и ќе се обидам да ја искористам шансата. Не чувствувам притисок од тоа што ќе мора да ги менувам Елмас, Аријан Адеми или Енис Барди во средниот ред. Секој фудбалер гори од желба да настапи за својата земја – гласи изјавата на Мицевски на интернет-страницата на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Македонија е во одлична резултатска серија, без пораз е повеќе од една година, со ефект од пет победи и три ремија. Македонија и Ерменија меѓу себе досега одиграа девет натпревари. Македонија е поуспешна со четири победи и две ремија, а три победи има Ерменија. На претходниот меч, во септември, во Скопје, Македонија триумфира со 2-1.
Во вториот натпревар во групата Ц, што нема никакво резултатско значење за пласманот во повисок ранг или за играње бараж за опстанок во лигата Ц на Лигата на нациите, вечерва се среќаваат Грузија и Естонија.


ЛИГА Ц, ГРУПА 2

Ерменија – Македонија 18 ч.
Грузија – Естонија 18 ч.

ТАБЕЛА
Македонија 5 2 3 0 9-7 9
Ерменија 5 2 2 1 8-6 8
Грузија 5 1 3 1 6-6 6
Естонија 5 0 2 3 5-9 2