Македонија единствена од регионот успеа да се пласира на Европското првенство (ЕП) в година, како што може да се забележи на мапата на која се обележани земјите-учеснички на континенталниот фудбалски шампионат. Во прилог на мапата е објавена и шеговита порака дека Македонија практикува социјално дистанцирање.
А ниту една од репрезентациите на соседните држави не избори учество на ЕП. Србија беше елиминирана во плејофот од Шкотска на пенали 4-5, откако синоќешниот меч во Белград заврши 1-1 по 120 минути игра, Косово загуби од Македонија во полуфиналето од плејофот со 1-2, слично како и Бугарија од Унгарија 1-3. Грција и Албанија исто така не се најдоа на завршниот турнир на Стариот континент по квалификацискиот циклус.
Од соседите, Србија (како дел од тогашна СР Југославија) последен пат беше на ЕП во 2000 година, а Бугарија во 2004 година. Грција која беше европски првак во 2004 година, последен пат се најде на завршниот турнир во 2012 година, додека Албанија играше на претходното издание во 2016 година. Косово допрва чека на дебитантскиот настап.
Сега Македонија ќе ја брани честа на Балканот на претстојниот собир на најдобрите европски селекции, со што може да се каже и дека е „оаза во балканската фудбалска пустина“.