По две кола македонската фудбалска репрезентација со шест бода е осамена на врвот во групата 4 на лигата Д, по победата во неделата над Ерменија во Скопје, со 2-0

Македонската фудбалска репрезентација деветти меч во низа нема пораз, по победата со 2-0 над Ерменија во Скопје, во неделата, во вториот натпревар од групата Д во Лигата на нациите. Стрелци на головите беа Езгјан Алиоски во 13-та минута од пенал и Горан Пандев во 59-та минута. Следните мечеви се во октомври, кога Македонија прво го пречекува Лихтенштајн, а потоа гостува кај Ерменија. По две кола Македонија има шест бода, по три имаат Лихтенштајн и Ерменија, а без бодови е Гибралтар.

Според системот на натпревари прваците на четирите групи во лигата Д ќе се пласираат во лигата Ц за следното издание на натпреварувањето. Згора, тие четири селекции ќе се пласираат на фајналфорот на лигата Д, во март 2020 година, од каде што победникот ќе обезбеди место на Европското првенство во 2020 година.

– Влогот во ова натпреварување е преголем за да не играме на резултат. Не смее да нѐ понесе еуфорија и да направиме од готово вересија. Имаме уште четири меча, одиме од меч на меч. Задоволен сум од играта и од победите – рече селекторот Игор Ангеловски.

На мечот во неделата Македонија поведе со 26-от гол од пенал, oткако прекршок беше направен врз Пандев. Ударот од 11 метри сигурно го реализира Алиоски. По ова Македонија имаше неколку шанси, а во вториот дел Ерменија можеше да израмни, но по центаршутот оддесно Адамјан задоцни за дел од секундата пред празната мрежа.

Во 58-та минута нововлезениот Александар Трајковски помина неколку фудбалери пред да дојде по десната страна кај голаут-линијата од каде што по земја го проигра Пандев, кој од неколку метри 32-ри пат ја затресе мрежата во дресот на Македонија. Во 71-та минута Ерменците ја имаа најзрелата шанса, но Газарјан ја погоди стативата.


На мечот со Лихтенштајн прослава на 25-от роденден на македонската репрезентација

Во третото коло на Лигата на нациите фудбалската репрезентација на Македонија треба да се сретне со Лихтенштајн, во Скопје, на 13 октомври 2018 година. Мечот со стариот познајник (седум натпревари досега, од кои два минатата година во квалификациите за пласман на Светското првенство во Русија годинава) ќе биде одлична можност и за прослава на 25-годишнината од првиот натпревар на Македонија во својата фудбалска историја.

Македонската селекција на светската сцена стапна на 13 октомври 1993 година, со пријателскиот дуел во Крањ со домашната репрезентација на Словенија, во која Македонија победи со 4-1, со головите на Зоран Бошковски, Дарко Панчев, Чедомир Јаневски и на Драган Канатларовски.
Македонија во седумте меча досега со Лихтенштајн забележа шест победи и едно реми, со вкупна гол-разлика 27-4. Највпечатлива е победата во 1996 година, на гости, со 11-1, кога стрелци на головите беа Дејви Главевски (три), Тони Мицевски (два), Саша Ќириќ (два), Митко Стојковски (два), Ѓорѓи Христов и Ванчо Мицевски.

 

 

 


Пандев се израмни со Санта Круз, Мекарти, Литманен…

Со 32-от гол за фудбалската репрезентација на Македонија на мечот со Ерменија, во неделата во Лигата на нациите, капитенот Горан Пандев го зголеми водството на листата на стрелците, на која на второто место е Ѓорѓи Христов со 16, а трет е Артим Шаќири со 15 гола. Но, Пандев сега поведе и на листата најефикасни во официјални мечеви (квалификациски и сега Лига на нации) со 10 гола, по еден повеќе од најблиските конкуренти.
Капитенот на една друга листа, на најдобрите стрелци во секоја репрезентација, се искачи на 84-то место, израмнувајќи се, на пример, со Роке Санта Круз од Парагвај, Бени Мекарти од Јужна Африка и со Јари Литманен од Финска, а оставајќи ги зад себе, на пример, Радамел Фалкао од Колумбија (31 гол), а од претходно и, на пример, Кени Далглиш од Шкотска (30), Емануел Адебајор од Того (30) итн.