Македонија првпат ќе игра со Германија, со Романија има четири пораза и една победа, со Исланд две победи, по еден пораз и реми, со Ерменија по четири победи и две нерешени, а со Лихтенштајн осум победи и едно реми. Првопласираната селекција ќе игра на СП, а второпласираната во баражот
ФУДБАЛ – ЖДРЕПКА ЗА КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА СП 2022
Фудбалската репрезентација на Македонија ќе игра со Германија, Романија, Исланд, Ерменија и со Лихтенштајн во квалификациската група Ј за пласман на Светското првенство (СП) во 2022 година во Катар. Фаворит за освојување на првата позиција е четирикратниот светски првак (во 1954, 1974, 1990 и во 2014 година), Германија.
– Би сакал да играм против Германија во Скопје пред полни трибини. Оваа генерација фудбалери пред себе има настап на Европско првенство, но и шанси за добри квалификации за Светско првенство и за напад на второто место во групата – гласи изјавата на капитенот Горан Пандев на фејсбук-профилот на фудбалската репрезентација на Македонија.
Македонија првпат ќе игра против Германија во квалификации за едно големо натпреварување, во случајов за СП. Македонија играше против Романија во две квалификациски кампањи, за СП 1998 во Франција и за СП 2006 во Германија. Билансот е четири пораза на исто толку натпревари. Единствената победа (1-0) во меѓусебните средби Македонија ја забележа во пријателскиот дуел во 2010 година. Билансот на Македонија во дуелите со Исланд е две победи, еден пораз и едно реми. Во квалификациите за СП 1998 (во групата 8, во која првото место го освои Романија), Македонија славеше дома со 1-0, а на гости ремизира 1-1. Во квалификациите за СП 2010 во Јужна Африка, Исланд победи дома со 1-0, а Македонија се реваншира со триумфот во Скопје со 2-0.
Македонија есенва играше со Ерменија во Лигата на нациите (ЛН), во која Ерменците го освоија првото место и се пласираа во повисок ранг, во лигата Б. Во Скопје, Македонија триумфира со 2-1, а во реваншот што се одигра во Никозија, Ерменија победи со 1-0. Вкупно, Македонија и Ерменија меѓу себе одиграа 10 натпревари, со идентичен скор, по четири победи и две ремија. Против Лихтенштајн, на деветте одиграни меча, Македонија има осум победи (и едно реми), меѓу кои е и рекордниот триумф на гости, со 11-1 во 1996 година.
Квалификациите треба да се играат од март до ноември в година, а плејоф-дуелите се на програмата во март 2022 година. На СП ќе се пласираат 10-те најдобри во 10-те групи, плус три по бараж-дуелите во кои ќе разигруваат 10-те второпласирани од квалификациите, како и две селекции со најдобар ефект во Лигата на нациите (ЛН) што нема да се пласираат на СП низ квалификациите.
Ангеловски: Интересна група, има повеќе кандидати за второто место
Македонија доби интересна, доста израмнета квалификациска група за СП 2022. Јасно, Германија е прв фаворит, а другите, со исклучок на Лихтенштајн, според мене, имаат еднакви шанси за освојување на второто место што води во баражот. Сите репрезентации имаат квалитетни играчи и состави, но има време за анализи до март в година, неоспорно е само дека сите ќе ги почнат натпреварите со големи амбиции – изјави селекторот Игор Ангеловски.
Лев: Ние сме фаворити
Генерално, тоа е интересна група. Ние сме фаворити и очигледно си должиме самите на себе да бидеме први во групата. Исланд се покажа одлично на големите турнири претходниве неколку години и секогаш има добра атмосфера каде и да игра. Тие, исто така, се многу добро организирана екипа, која игра добар фудбал, фокусирани се на нападот. Романија има многу млад тим, колку што јас знам, со фудбалери што се истакнаа на мечевите на минатото Европско првенство до 21 година, каде што играа со Германија во полуфиналето. Имаат неколку интересни играчи во своите редови – изјави германскиот селектор Јоаким Лев за официјалната интернет-страница на ФИФА.
МАКЕДОНИЈА ДОСЕГА СО РИВАЛИТЕ ЗА ПЛАСМАН НА СП 2022
Германија 0 0 0 0 0-0
Романија 5 1 0 4 5-11
Исланд 4 2 1 1 4-2
Ерменија 10 4 2 4 15-17
Лихтенштајн 9 8 1 0 33-5
ВКУПНО 28 15 4 9 57-35
ГЕРМАНИЈА
Селектор: Јоаким Лев
Учества на СП: 19
Успех на СП: првак во 1954, 1974, 1990 и во 2014 г.
Ранг-листа на ФИФА: 13. место
РОМАНИЈА
Селектор: Мирел Радои
Учества на СП: седум
Успех на СП: 1/4-финале во 1994 г.
Ранг-листа на ФИФА: 37. место
ИСЛАНД
Селектор: се чека нов
Учества на СП: едно
Успех на СП: групна фаза во 2018 г.
Ранг-листа на ФИФА: 46. место
ЕРМЕНИЈА
Селектор: Жоакин Капарос
Учества на СП: нема
Успех на СП: –
Ранг-листа на ФИФА: 99. место
ЛИХТЕНШТАЈН
Селектор: Мартин Штокласа
Учества на СП: нема
Успех на СП: –
Ранг-листа на ФИФА: 181. место
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ
од 24 до 31 март 2021 г. прво, второ и трето коло
од 1 до 8 септември 2021 г. четврто, петто и шесто коло
од 8 до 12 октомври 2021 г. седмо и осмо коло
од 11 до 16 ноември 2021 г. деветто и десетто коло
од 24 до 29 март 2022 г. плејоф