УЕФА ги разгледува можностите мечевите да се играат во услови слични на оние во Германија, каде што следниот месец треба да продолжи сезоната во Бундес-лигата
Европската фудбалска унија (УЕФА) ги разгледува опциите натпреварите од последните фази во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ) да се играат зад затворени врати и на неутрални стадиони, откако француската влада потврди дека ќе нема професионален фудбал во земјата пред 1 септември, по што беше решено шампионатот во Лига 1 да се прекине, пишува британски „Гардијан“.
Лидерот во Лига 1, ПСЖ, е еден од четирите клуба што се пласираа во че\тврт-финалето на ЛШ и, како што се чини, играњето мечеви дома и на гости е невозможно, со оглед на ограничувањата што ги најави премиерот на Франција. УЕФА, наводно, ги разгледува можностите мечевите да се играат на стадиони под строго контролирани услови, слични на оние во Германија, каде што следниот месец треба да продолжи сезоната во Бундес-лигата, пишува „Гардијан“. Тоа значи дека сите играчи ќе бидат тестирани пред и по секој натпревар, со ограничувања на бројот на присутни луѓе на натпреварите.
Домашните лиги во Европа имаат рок од 25 мај да ја известат УЕФА за решението за домашните натпреварувања, а на состанокот на Извршниот комитет (ИК), два дена подоцна, најверојатно ќе се знае и решението за ЛШ и за ЛЕ.