Интер и Манчестер јунајтед со триумфите над Баер односно Копенхаген си обезбедија пласман во полуфиналето на Лига Европа на завршниот турнир во Германија
Манчестер јунајтед и Интер се првите полуфиналисти во фудбалската Лига Европа (ЛЕ) по триумфите над Копенхаген, 1-0, односно Баер Леверкузен (2-1), на завршниот фајналејт-турнир во Германија.
Белгиецот Ромелу Лукаку го постигна вториот, победоносен гол за Интер и притоа собори два рекорда. Тој е првиот што постигнува голови на девет натпревари во Лига Европа или во Купот на УЕФА (вкупно 12), на пет меча во дресот на Евертон во сезоната 2014/2015 (даде осум гола), потоа и на четири за Интер (четири гола). Лукаку со тоа го надмина Англичанецот Алан Ширер, кој за Њукасл во 2005-та постигнуваше голови на осум меча едноподруго.
Лукаку (27) е и првиот играч на Интер што постигнува голови на шест меча во низа во европска конкуренција. Тој е во одлична голгетерска форма сезонава за што потврда се постигнатиот 31 гол, најмногу во кариерата, четири повеќе од 2017/2018 за Манчестер јунајтед. Тој е првиот играч на Интер што постигнува 30 и повеќе голови во сезона, по Самјуел Ето во 2010/2011 кога даде 37.
– За мене, играч на натпреварот е Николо Барела. Начинот на кој тој игра фудбал е неверојатен, каква зрелост, квалитет. Тој е одличен играч – беше скромен Лукаку по доминантниот настап.
Манчестер јунајтед се пласира меѓу најдобри четири тима со триумфот од пенал-голот на Бруно Фернандеш во 95-та минута, против Копенхаген. За Манчестер јунајтед тоа беше 21-от пенал сезонава во сите конкуренции, најмногу за еден тим во петте најсилни европски лиги. Голманот на Копенхаген, Карл-Јохан Јонсон, имаше 13 одбрани, најмногу по ребрендирањето на ЛЕ во 2009/2010, но и тоа не беше доволно за пласман во полуфиналето.
Синоќа играа Шахтар – Базел и Вулверхемптон – Севилја.