Во случај на целосна израмнетост (бодови, гол-разлика, постигнати голови и фер плеј) пласманот на две или на повеќе селекции во групите ќе биде одреден со лотарија, како во единствениот случај досега, на СП 1990
Во случај на ист број бодови помеѓу две или повеќе репрезентации по третото коло на фудбалското Светско првенство во Русија за одредување на пласманот на табелите можно е да решава и извлекување ждрепка. Тоа последниот, осми начин да се раздвојат две или повеќе селекции ако нивниот скор е целосно ист според претходните критериуми.
Во историјата на светските првенства само еднаш ждрепка решавала за пласман на репрезентации на табелата по завршувањето на групната фаза. Сепак, ниту една селекција на овој начин, со лотарија, не била елиминирана.
Единственото влечење ждрепка досега се случи на Светското првенство во 1990 година во Италија, кога целосно израмнети беа Република Ирска и Холандија во групата Ф. Тие меѓу себе одиграа реми, 1-1, а вкупната гол-разлика им беше 2-2. Тогаш немаше разделување според фер плејот, па со ждрепка беше одредено Република Ирска да го освои второто место, а Холандија третото.
Сепак, според тогашниот формат на натпреварување, и двете репрезентации се пласираа во осминафиналето, Република Ирска како второпласирана, а Холандија како една од најдобрите меѓу третопласираните.
Во случај на израмнетост на СП 2018 прво ќе се гледа вкупната гол-разлика, а ако таа е иста тогаш предност ќе има селекцијата со повеќе постигнати голови.
Ако во сите овие елементи остане нерешено, тогаш се гледа меѓусебниот дуел од мечот во групата (ако се три селекции во прашање, бодовите освоени во меѓусебните дуели). Ако е тоа еднакво, тогаш гол-разликата од тие дуели, па потоа кој постигнал повеќе голови. Ако и тоа е исто, тогаш решава табелата за фер плеј од картоните добиени на мечевите на Светското првенство во Русија. Така, жолт картон носи минус еден поен, два жолти на еден меч и потоа црвен минус три поена, а директен црвен картон минус четири поена. Селекцијата со помалку „минуси“ ќе биде подобро пласирана.
Ако и тоа е еднакво, тогаш со ждрепка ќе биде одреден патникот (или патниците) во осминафиналето.