Лопетеги доби отказ два дена пред дуелот со Португалија на СП поради тоа што потпишал договор сo Реал Мадрид, и тој е петтиот селектор што пласирал некоја селекција, но нема да ја води на СП 2018.
Шпанскиот фудбалски селектор Хулен Лопетеги, кој без пораз ја водеше Шпанија последните две години, сменет е на само два дена пред дуелот со Португалија на Светското првенство (СП) во Русија. Причината е што завчера Лопетеги потпишал тригодишен договор со актуелниот европски првак Реал Мадрид, договор со кој треба да го преземе клубот по завршувањето на СП.
Лопетеги пред три недели го продолжи договорот со Шпанија до 2020 година и затоа Шпанскиот фудбалски сојуз не можел толку лесно да помине преку оваа негова одлука и со два милиони евра отштета, колку што Реал се обврзал дека ќе исплати за неговиот премин во клубот.
Веќе е избран и неговиот наследник, а тој се вика Фернандо Иеро. Тој веќе беше во еден наврат селектор на Шпанија, каде работеше цели 13 години (1989-2002).
Во врска со последните случувања во шпанскиот табор и пред првиот мошне значаен дуел на СП, против европскиот првак Португалија, револтирано реагираше фудбалерот Серхио Рамос, кој рече дека не сака да ги води друг селектор освен Лопетеги.
– Му се заблагодаруваме на Лопетеги за сѐ што направи досега, оти е еден од најзаслужните што сме тука во Русија, но сепак, принудени сме да му врачиме отказ – рече Луис Рубиалес, претседателот на Шпанскиот фудбалски сојуз.
Ова не е прв случај селектор што ја однел репрезентацијата на СП во Русија, да не биде на нејзината клупа и во текот на овој Мундијал. Претходно откази добија Славољуб Мусли во Србија, Вахид Халилхоџиќ во Јапонија и Берт ван Марвијк во Саудиска Арабија, а отказ даде Ејнџ Постекоглу во Австралија. Од нив само Ван Марвијк ќе биде на СП, но како селектор на Австралија.
Г.И.