Тој го проучува градот, ги проучува луѓето, сѐ проучува. Биелса отиде да го менаџира Лидс како град, како целина, не само како тим, вели Рикардо Лунари, аргентински тренер што играл во Њуел под водство на актуелниот менаџер на Лидс. Биелса беше ангажиран во јуни 2018 година и е еден од најзаслужните за враќањето на Лидс во елитното друштво

ФУДБАЛ – АНГЛИЈА

По 16 години, 15 менаџери, петмина сопственици, едно испаѓање во Лигата 1 (од 2007 до 2010 година), една административна управа (во 2007-та) и четири порази во плејофот, Лидс, тимот за кој настапува македонскиот репрезентативец Езџан Алиоски, се врати во англиската фудбалска Премиер-лига. Гордоста на Јоркшир, клубот на фудбалските великани како Дон Риви, Били Бремнер, Џек Чарлтон, Алан Кларк, Питер Лоример, Хауард Вилкинсон, Дејвид Бити, Гери Спид и други, се врати таму каде што му е местото, во елитното друштво на англискиот фудбал.
На долгиот список со клупски легенди сега слободно може да се додаде и менаџерот, Аргентинецот Марсело Биелса (64), кој беше ангажиран во јуни 2018 година.
Газдата на Лидс, Италијанецот Андреа Радрицани, во 2017-та ја презеде целосната контрола врз клубот и своите најави и ветувања ги поткрепи со дела. Првичниот петгодишен план за враќање во Премиер-лигата, тој го преиначи во тригодишен и успеа. Инвестираше многу и не само што создаде силен тим, туку ги купи стадионот и тренинг-центарот. Плановите за иднината, исто така, се импресивни.

Биелса, кој во текот на долгата кариера ги има предводено репрезентациите на Аргентина и на Чиле, како и многу клубови во Јужна Америка и во Европа, не отстапи од својот стил на игра, со кратки и прецизни додавања, не ротираше многу и сезонава играше само со 17 фудбалери.
За Биелса велат и дека е несекојдневен, но и многу студиозен, за што како пример се зема фактот дека на СП 2002, како селектор на Аргентина, понел 7.000 видеоснимки. Тој е многу селективен за тоа каде и во кој клуб работи, претпочитајќи да оди таму каде што има играчи што одговараат на неговиот стил на игра.
– Тој го проучува градот, ги проучува луѓето, сѐ проучува. Биелса отиде да го менаџира Лидс како град, како целина, не само како тим – вели Рикардо Лунари, аргентински тренер што играл во Њуел под водство на Биелса. 


Европски вицепрвак во 1975 година, полуфиналист во 2001-та

Лидс е формиран во 1919 година и од формирањето игра на стадионот „Иланд роуд“, кој е со капацитет од 37.890 места, со што е 12-ти најголем стадион во Англија. Лидс трипати бил првак на Англија, во 1969, 1974 и во 1992 година (и петпати бил вицешампион) и еднаш го освоил ФА-купот, во 1972 година.
Во 1975 година Лидс играше во финалето на тогашниот Куп на европските шампони (КЕШ) и загуби од Баерн, 0-2, а беше полуфиналист на Лигата на шампионите (ЛШ) во 2001 година. Во 1973, Лидс го загуби и финалето во Купот на победниците на куповите (КПК), од Милан, со 0-1.