ФУДБАЛ
Фудбалските лиги во Велика Британија ќе можат сами да изберат како ќе го применуваат новото правило за играње со рака кога ќе продолжи сезоната, велат од Интернационалниот борд на фудбалските асоцијации (ИФАБ), тело задолжено за измена на правилата во фудбалската игра, објави „Би-би-си“.
Четирите фудбалски асоцијации добиле одобрение за тие измени во правилата за сезоната 2020/2021, кои вклучуваат користење т.н. Т-линија на маичката, за да се направи разлика помеѓу играњето со рака и со рамо.
Новите фудбалски правила обично стануваат задолжителни на 1 јуни, пред почетокот на новата сезона. Но поради сегашните околности, предизвикани од паузата поради пандемијата на коронавирусот, фудбалските лиги може да изберат дали ќе ги спроведат тие правила за остатокот од сезоната, кога таа ќе продолжи.
Т- линија на маичката или пазувата, всушност местото каде што завршува ракавот на маичката, ќе стане клучен маркер на телото на фудбалерот за судиите на натпреварите. Сѐ подолу од тоа ќе се смета за играње со рака.