Беше забавно, но не дозволувајте краткорочното решение да поправи нешто што не е расипано, истакнува Питер Хансон на интернет-платформата „Статистика и натпревари“
Завршницата во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ) во фудбал годинава, поради пандемијата на коронавирусот, се одржа во нов формат, со два мини-турнира, во Португалија и во Германија, зад затворени врати, со по еден нокаут-натпревар, од четврт-финалето до финалето. Таквиот формат пресликан од Светското (СП) или Европското првенство (ЕП) се покажа како добар и наиде на позитивни реакции кај повеќето љубителите на фудбалот, кои не можеа во живо да ги следат натпреварите.
Во таква ситуација се разгореа и дебатите за тоа дали Европската фудбалска унија (УЕФА) треба да подразмисли дали да продолжи со тој формат и натаму. Еден од аргументите е дека во нокаут-мечеви, во ситуација „сѐ или ништо“, возбудувањата се загарантирани и оти нема место за какви било калкулации.
На интернет-платформата „Статистика и натпревари“, двајца фудбалски новинари, Џон Скилбек и Питер Хансон, анкетираа и дебатираа за ова прашање со повеќе љубители на фудбалот.
– Фудбалот го „запали“ Лисабон, па УЕФА треба да подразмисли шоуто во ваков формат да го прошири низ Европа. Еден меч е подобра солуција од два. Се врати старото возбудување, победникот да се добие по 90-минутна борба, каде што сè е во игра и кога нема втора шанса во реваншот – напиша Скилбек.
Но од друга страна, пак, тој и повеќето анкетирани си го поставуваат прашањето дали може да се повтори сличен спектакл во посткоронавирусните денови. Потоа играњето по два меча во нокаут-фазата значат повеќе натпревари на ТВ и двојно поголема заработка за сите. И каде би се играле? Осум екипи во еден град е добра работа, кога навивачите на тие тимови остануваат дома, не можејќи да се соберат во еден град, да испијат по едно или по девет пива!
Оттаму, поради тоа што логистичките и финансиските проблеми се тешко решливи, полесно е да се опстои на испробаните решенија што функционираат.
– Беше забавно, но не дозволувајте краткорочното решение да поправи нешто што не е расипано. Треба да ѝ се честита на УЕФА, која најде добро решение во услови на грозна глобална ситуација. Би било глупост да се сугерира дека најквалитетното европско клупско натпреварување има потреба од преструктурирање – е ставот на Питер Хансон.
Аргументи за ова се дека без формат со два меча, Барселона никогаш немаше да го анулира дефицитот од 0-4 од првиот меч против ПСЖ и да триумфира на „Ноу камп“ со 6-1 во осминафиналето во 2016 година. Ни Рома или Ливерпул ќе имаа шанса во незаборавните реванши да ја елиминираат Барселона, во 2018 и 2019 година. Ливерпул минатата сезона го крена и победничкиот трофеј.
Во суштина, УЕФА најде одлично решение за проблемот со кој никој не сакаше да се соочи, е оцената на двајцата новинари по сублимирањето на мислењата на анкетираните по тоа прашање.