Сезонава Македонија ќе има двајца претставници во ЛШ. Елмас е член на Наполи и вечерва дома ќе се сретне со европскиот првак, а Адеми со Динамо утре ја пречекува Аталанта, единствениот дебитант сезонава во ЛШ

Европскиот првак Ливерпул со мечот на гости, вечерва, од 21 часот, кај Наполи, клубот на македонскиот фудбалски репрезентативец Елиф Елмас, ја почнува одбраната на титулата во Лигата на шампионите (ЛШ) освоена во мај. Ливерпул на патот до титулата во минатата сезона помина токму во дуел со Наполи, и тоа благодарение и на одбраната на Алисон Бекер во последните моменти од дуелот во шестото коло на групната фаза, дома, кога црвените водеа со 1-0, а со реми во осминафиналето ќе се пласираше Наполи.

Новата сезона на најквалитетното европско фудбалско клупско натпреварување, 65-та по ред, почнува денеска, со дуелите од 18.55 часот Лион – Зенит и Интер – Славија, а од 21 часот има уште шест средби, меѓу кои и уште едно дерби, Борусија Дортмунд – Барселона.
Германскиот и шпанскиот тим се редовни учесници во ЛШ, но ова ќе биде нивниот прв меѓусебен дуел во ова натпреварување. Нивната единствена меѓусебна европска средба е од 1997 година, во Суперкупот на УЕФА.

Сезонава Македонија ќе има двајца претставници во ЛШ. Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми е капитен на хрватскиот првак Динамо, кој утре го пречекува италијанскиот прволигаш Аталанта, единствениот дебитант сезонава во елитното европско натпреварување. Аталанта во минатата сезона го освои третото место во Италија.

Дерби-средбите на првото коло продолжуваат и утре, откако Реал Мадрид го пречекува Пари сен Жермен, а во реприза на ланското четврт-финале Атлетико Мадрид игра дома со Јувентус.

Двојки за денеска: Наполи – Ливерпул, Салцбург – Генк (група Е), Интер – Славија, Борусија Д. – Барселона (група Ф), Лион – Зенит, Бенфика – Лајпциг (група Г), Челси – Валенсија, Ајакс – Лил (група Х).
Двојки за утре: Реал Мадрид – ПСЖ, Клуб Бриж – Галатасарај (група А), Олимпијакос – Тотенхем, Баерн – Црвена звезда (група Б), Шахтер – Манчестер сити, Динамо – Аталанта (група Ц), Атлетико – Јувентус, Баер – Локомотив (група Д).

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 


Преноси низ целиот свет, ВАР од првата минута…

Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница објави податок за земјите во кои ќе се емитуваат преноси од мечевите во новата сезона на Лигата на шампионите. Според податоците, преноси ќе има на сите континенти, во над 210 земји.
Ова ќе биде и првата сезона во Лигата на шампионите во која од натпреварите од групната фаза ќе се користи системот видеопомошник-судија (ВАР). Оваа технологија во ЛШ дебитира во минатата сезона, но од средбите од осминафиналето.


Фати може да стане најмлад стрелец во ЛШ

Тинејџерот на Барселона, 16-годишниот Ансу Фати може да направи рекорд во фудбалската Лига на шампионите ако постигне гол, со што би станал најмладиот стрелец во елитното клупско натпреварување во Европа. Фудбалерот од Гвинеја-Бисао во саботата постигна гол и имаше асистенција за Барселона во победата над Валенсија и стана најмладиот играч во историјата на шпанското првенство со погодок и асистенција во ист меч, пишува УЕФА. Барселона вечерва гостува кај Борусија Д. во 1. коло од групата Ф. Во моментов најмлад стрелец во ЛШ е Питер Офори-Квае, кој ја затресе мрежата на возраст од 17 години и 195 дена за Олимпијакос против Розенборг во октомври 1997 година. Фати има 16 години и 322 дена. Најмлад дебитант во ЛШ е Селестин Бабајаро со 16 години и 87 дена, на мечот Андерлехт – Стеауа од 1994 година, објави УЕФА.