Ливерпул во ланската сезона им се придружи на Челси, Манчестер јунајтед, Манчестер сити и на Лестер, кои во минатата деценија лидерската позиција на Божиќ ја претворија во шампионски триумф. Во деценијата претходно трендот беше обратен. Вкупно, 14 пати во 28-те премиерлигашки сезони тимот што бил на врвот на табелата на Божиќ ја освојувал титулата
Бранителот на титулата во англиската фудбалска Премиер-лига и лидер на табелата сезонава, Ливерпул, го победи Кристал палас на гости, со 7-0, и најави дека е најсериозен кандидат за одбрана на титулата, која би била прва по 1984 година.
Ливерпул првпат во клупската историја забележа победа на гости со седум гола разлика, прва победа со седум или повеќе голови во лигата по победата со 9-0, повторно над Кристал палас, во септември 1989 година. Кристал палас, пак, првпат прими седум погодоци на домашен терен. За менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, ова беше 127-та победа во Премиер-лигата, со што го помина Рафаел Бенитез (126 победи).
Исто така, првпат во Премиер-лигата седум различни играчи асистираа при постигнувањето на головите, Садио Мане, Роберто Фирмино, Ендрју Робертсон, Трент Александер-Арнолд, Мохамед Салах, Жоел Матип и Алекс Окслејд-Чембрлен, објави „Скај спорт“.
„Црвените“ се првиот тим што во ерата на Премиер-лигата три години по ред (вкупно шести пат) Божиќ го дочекуваат на првата позиција на табелата. Такво нешто на Ливерпул претходно му успеа во периодот од 1978 до 1980 година. Статистиката вели дека 11 пати во минатите 15 години, тимот што бил на водечката позиција на Божиќ ја освојувал титулата. Но токму Ливерпул, лидерот на 25 декември во 1996, 2008, 2013 и во 2018 година, на крајот не станувал првак. Тоа беше надминато ланската сезона, во која Ливерпул по 30-годишна пауза ја освои 19-та шампионска титула.
– Не чувствувам некакво поголемо задоволство. Среќен сум во моментот, затоа што одигравме одличен натпревар и забележавме убедлива победа. Но нема смисла да се биде презадоволен. Сезоната не е завршена. Има уште доста натпревари, ние ќе бидеме подготвени за нив – изјави Клоп.
Ливерпул во ланската сезона им се придружи на Челси (трипати), Манчестер јунајтед (двапати), Манчестер сити (двапати) и на Лестер (еднаш), кои во минатата деценија лидерската позиција на Божиќ ја претворија во шампионски триумф. Во деценијата претходно трендот беше обратен, тимовите што беа на врвот на Божиќ почесто не успеваа да ја освојат титулата.
Вкупно 14 пати во 28-те премиерлигашки сезони тимот што бил на врвот на табелата на Божиќ ја освојувал титулата.