Една од вообичаените заблуди за „манибол“ е дека не се трошат многу пари. Суштината е да се извлече максималната корист од она за што сте ги потрошиле парите, а тоа е она што Ливерпул го сторил многу успешно, вели Били Бин, креатор на таа стратегија, во бејзболот во САД, пред дваесетина години
Трансфер-политиката на англискиот фудбалски првак Ливерпул претходниве години ја пофали и човекот што ја креира стратегијата за ангажирање играчи позната како „манибол“ во САД, Били Бинм за што е снимен и истоимениот филм, со Бред Пит во главната улога. Пионерската употреба на емпириската анализа на статистиката во бејзбол пред дваесетина години му овозможи на Бин да постигне голем успех како генерален менаџер на Окланд и покрај тоа што имаше многу помал буџет на располагање од повеќето ривали.
Оттогаш и во другите спортови почна да се применува таа стратегија за искористување на квалитетите на играчите со користење статистички податоци, особено во фудбалот. Новиот шампион во Премиер-лигата, Ливерпул, чии сопственици го имаат и бејзбол-клубот Бостон ред сокс, е еден од тимовите што имаа успех користејќи го таквиот пристап. „Црвените“ имаат помал буџет за трансфери од многу ривали, но успеаја да ги надминат сите претходниве две години, освојувајќи ги Лигата на шампионите, Суперкупот на УЕФА, клупското СП и Премиер-лигата.
Бин вели дека една од вообичаените заблуди за стратегијата „манибол“ е дека не се трошат многу пари. Суштината е, вели Бин, да се извлече максималната корист од она за што сте ги потрошиле парите, а тоа е она што Ливерпул го сторил многу успешно. Ливерпул има потрошено значителни суми, но ангажирањето на Мохамед Салах за 36 милиони фунти или на Вирџил ван Дајк за 75 милиони фунти се примери за паметно потрошени пари на трансфери со оглед на тоа што е добиено за возврат.
– Некои деловни одлуки, или спортски одлуки, чинат многу, но тие може да вредат многу повеќе отколку што можете да замислите. На пример, Мајкл Џордан. Колку и да беше платен од Чикаго булс, тој вредеше многу повеќе – вели Бин во интервјуто за „Ливерпул еко“.
Во пристапот на Ливерпул вклучен е т.н. „комитет за трансфери“, составен од менаџерот Јирген Клоп, спортскиот директор Мајкл Едвардс, членови на „извидничкиот“ тим и извршните директори на клубот. Комитетот беше исмејуван во првите години, во времето на претходникот на Клоп, Брендан Роџерс, поради неколку неуспешни трансфери и неуспесите на теренот. Но упорноста на таквиот пристап се покажа оправдана, а Бин вели дека треба да им се честита поради опстојувањето на стратегијата и покрај критиките.
– Во спортот, предизвик е да донесувате одлуки и се обидувате да ја убедите јавноста, секој што навива за вашата екипа. Кога почнавме, не сметавме дека е храбро, сметавме дека е по малку ризичен начин да се донесат одлуки, бидејќи немавме прирачник за такво нешто. Кога го направија „комитетот за трансфери “, ги исмејуваа, но се покажа дека тоа и не било толку лоша идеја. Целта на секој спортски тим е да го направи она што го направи Ливерпул. Затоа, капа долу на целата организација и на Едвардс. Тој е многу успешен и мислам дека не е ценет на меѓународно ниво колку што заслужува, бидејќи е брилијантен – вели Бин.