Ливерпул е единствениот тим што на крајот на сезоната не ја освоил титулата откако на половината од сезоната бил на првата позиција. Последен пат тоа се случи минатата сезона, а претходно во 2014 (во двата наврата триумфира Манчестер сити), и во 1997 и 2008 (двапати се радуваше Манчестер јунајтед)
Ливерпул, лидерот во англиската фудбалска Премиер-лига, продолжува со победничкиот марш кон првата шампионска титула по пауза од 30 години, вкупно 19-та во клупската историја. На празничниот боксинг деј, Ливерпул го растури второпласираниот Лестер, на гости, со убедливи 4-0, и на половината од шампионатот има 52 бода, со 17-те победи и само едно реми и со предност од 13 поени пред Лестер, односно 14, пред шампионот Манчестер сити, кој синоќа му гостуваше на Вулверхемптон.
Ливерпул практично е шампион, тоа е неизбежно, трката за титулата е завршена и само некаков колапс од епски пропорции може да го спречи во тоа, коментира „Би-би-си“. Таквото тврдење се поткрепува со бројки што кажуваат дека Ливерпул е без пораз на 34 меча во низа и оти во 2019 година загуби само еден првенствен меч, од Манчестер сити (1-2), на 3 јануари.
Победата на Ливерпул над Лестер е највисока во дуелите меѓу првопласиран и второпласиран тим, по мечот Манчестер сити – Манчестер јунајтед (6-1) во октомври 2011 година. „Црвените“ петта година по ред победуваат на овој ден (со гол-разлика 15-0), што е најдолга ваква серија во клупската историја.
Но менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, и неговите играчи не ни помислуваат дека работата веќе е завршена.
– Мене не ми звучи како да е решено што било. Ние само се обидуваме да бидеме што е можно подобро подготвени за следните натпревари. Многу е рано за каква било забава. Кога ќе има причина за такво нешто, ќе ви кажам, дотогаш ни претстои уште работа – вели Клоп, кој годинава го предводеше тимот до триумф во Лигата на шампиони, во Суперкупот на УЕФА и на клупското СП во Катар.
Причината за ваквата воздржаност се состои во тоа што Ливерпул, кој петти пат е на лидерската позиција на Божиќ (на 25 декември), е единствениот тим што на крајот, во мај, не ја освоил титулата, откако се игра ваквиот формат, од 1992 година. Последен пат тоа се случи минатата сезона, а претходно во 2013/2014, во двата наврата триумфира Манчестер сити, и во 1996/1997 и 2008/2009, кога на крајот се радуваше Манчестер јунајтед.
За разлика од Ливерпул, во минатата декада тимовите-лидери на Божиќ ја освојувале титулата, Челси (трипати), Манчестер сити, Манчестер јунајтед (по двапати) и Лестер (еднаш). Во 1990-тите години од минатиот век и во првата деценија од новиот милениум, покрај Ливерпул, водството на Божиќ не го зачувале докрај Норич (1992/1993), Њукасл (1995/1996 и 2001/2002), Астон вила (1998/1999), Лидс (1999/2000), Арсенал (2002/2003 и 2007/2008) и Манчестер јунајтед (1997/1998).
Вкупно од 27 сезони, 14 пати лидерот на Божиќ на крајот од сезоната ја славел шампионската титула.
Фирмино постигнува голови само на гости!
Вториот гол на Роберто Фирмино на фудбалскиот меч против Лестер беше 500-ти за Ливерпул во сите конкуренции под водство на менаџерот Јирген Клоп. Фирмино, пак, последните девет гола ги постигна на гостувањата. Десниот бек на „црвените“, Трент Александер-Арнолд, стрелецот на четвртиот гол, кој асистираше и при постигнувањето на двата гола на Фирмино, од почетокот на ланската сезона има 20 асистенции, најмногу од сите во Лигата. Џејмс Милнер го постигна 13-от гол од пенал за Ливерпул во Премиер-лигата, со што се израмни со Роби Фаулер. Клупски рекордер е Стивен Џерард, со 32 пенал-голови.