Вирџил ван Дајк

Според студијата на УЕФА објавена во британски медиуми, на Ливерпул за секој од 24-те гола во просек му биле доволни 7,81 секунди за посед на топката и 2,51 додавања, далеку најдобро (просекот во ЛШ лани бил 12,5 секунди посед и 3,89 додавања за гол)

Студијата на Европската фудбалска унија (УЕФА) за минатата сезона во Лигата на шампионите (ЛШ) сугерира дека брзината била клучна за успешната кампања на Ливерпул и за освојувањето на титулата европски првак, објавија европски медиуми.
Анализирајќи ги сите 366 постигнати голови лани, УЕФА го пофали Ливерпул за „темпото и за директноста при нападите“ на патот до шестата европска титула. Ливерпул постигна 24 гола,за што во просек му беа доволни само 7,81 секунди за посед на топката и 2,51 додавања. Вкупниот просек за 32-те екипи при постигнување гол беше 12,5 секунди, а 3,89 додавања, што од аспект на секундите е рекорд за претходните седум сезони.

Брзата и интензивна игра на која инсистира менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, како и другите екипи во Премиер-лигата, вклучувајќи го и финалистот Тотенхем, беа наведени како важен фактор.
– Менталната и физичката издржливост на екипите од Англија, исто така, се за истакнување. Се чини дека тука улога има англискиот календар на натпревари, кој нуди повеќе силни натпревари, во смисла на повисок интензитет, посилно темпо на игра, за разлика од Ајакс, на пример, во холандската лига – се вели во извештајот, асоцирајќи на полуфиналето Ајакс- Тотенхем.
Потоа, во експертизата на УЕФА се сугерира дека клубовите што победуваат во националните лиги со голема бодовна разлика може да имаат проблеми во ЛШ поради недостигот од посилни мечеви и неможноста за одржување на формата на највисоко ниво, од недела во недела.

Ливерпул победи и на неофицијалниот натпревар за чиста брзина во ЛШ. Најбрзиот забележан спринт беше 34,5 км/ час, на дефанзивецот Вирџил ван Дајк, во поразот од Барселона (0-3) во првиот полуфинален меч.
Најбрзите три спринта ги имаат забележано играчи на Премиер-лигата. Освен Ван Дајк, тоа се играчите на Манчестер сити, Лирој Сане, против Хофенхајм (34,4 км/час), и Кајл Вокер, против Тотенхем (34,2 км/час).
Напаѓачот на ПСЖ, Килијан Мбапе, кој е препознатлив по својата голема брзина, не е меѓу најбрзите спринтери во ЛШ лани. Поранешниот напаѓач на Манчестер јунајтед (сега на Интер), Ромелу Лукаку, за кого некои сметаат дека е претежок, забележал брзина од 33,3 км/ час на мечот против Барселона. 


ПРОСЕЧНО ПОТРЕБНО ВРЕМЕ И ДОДАВАЊА ЗА ГОЛ ВО ЛШ
сезона 12/13 13/14 14/15 15/16 16/17 17/18 18/19
секудни посед 10,3 11,45 11,66 11,51 10,58 12,26 12,5
додавања до гол 3,4 3,91 3,94 3,74 3,68 4,03 3,89
Извор: УЕФА