Според пресметките на „Гардијан“, најмногу потрошиле клубовите од Шпанија (1,63 милијарда евра), а потоа следуваат клубовите од Англија, Италија, Германија и од Франција
Клубовите од петте најсилни домашни фудбалски првенства во Европа (Шпанија, Англија, Франција, Италија и Германија) за 1.073 трансфери до вчера во летниот преоден рок инвестирале 3,5 милијарди фунти (околу 3,93 милијарди евра), објави британскиот дневен весник „Гардијан“. Згора, во него до вчера попладне не беше пресметан и трансферот на македонскиот репрезентативец Елиф Елмас од Фенербахче (Турција) во Наполи (Италија), за 15 милиони евра.
Како највреден трансфер засега се издвојува тој на Португалецот Жоао Феликс за 113 милиони фунти од Бенфика во Атлетико Мадрид, а потоа следуваат Французинот Антоан Гризман со 107,6 милиони од Атлетико во Барселона, Белгиецот Еден Азар од Челси во Реал Мадрид за 88,5 милиони фунти, Французинот Лукас Хернандез од Атлетико во Баерн за 68 милиони фунти, Холанѓаните Матијас де Лихт од Ајакс во Јувентус за 67,8 милиони, Френки де Јонг од Ајакс во Барселона за 65,3 милиони фунти итн.
Според пресметките на „Гардијан“, најмногу потрошиле клубовите од шпанската Ла Лига, 1,45 милијарда фунти (1,63 милијарда евра), потоа следуваат клубовите од англиската Премиер-лига со досега потрошени 931 милион (1,04 милијарда евра), па тие во италијанската Серија А со 843,9 милиони фунти (околу 946 милиони евра), потоа во германската Бундес-лига со 696,3 милиони (околу 781 милион евра) и во француската Лига 1 со 596,6 милиони фунти (околу 669 милиони евра) за трансфери на фудбалери во летниот преоден рок годинава.
По клубови, според „Гардијан“, европскиот првак Ливерпул досега летово од трансферите оствари позитива од 21,7 милион фунти, англискиот првак Манчестер сити негатива од 49,6 милиони, италијанскиот шампион Јувентус минус од 41,7 милион, германскиот првак Баерн негатива од 63,8 милиони, првакот на Франција ПСЖ позитива од 20,1 милиони, а тој на Шпанија, Барселона, минус од 132,7 милиони.
Најмногу измени кај Атлетико, по деветмина нови и заминати
Според Европската фудбалска унија (УЕФА), која ги бележи летните трансфери на тимовите што ќе играат во Лигата на шампионите, до вчера најмногу измени во однос на минатата сезона ќе има во шпански Атлетико Мадрид, во кој пристигнале и заминале по девет играчи. Клубот од Мадрид досега го оствари најголемиот трансфер, со ангажманот на Жоао Феликс од Бенфика, а од Атлетико е и уште еден поголем трансфер, заминувањето на Антоан Гризман во Барселона.
Од другите клубови што ќе играат во ЛШ, на пример, во Бенфика пристигнале петмина, заминале деветмина, кај Јувентус има шест што заминале и исто толку што пристигнале, во Лион седуммина се нови, а осуммина го смениле клубот, во Челси, кој има забрана за трансфери, има само еден нов играч, но тој со промена на статусот од позајмен во перманентен трансфер, а заминале деветмина…
Кај европскиот првак Ливерпул, според УЕФА, нема нови фудбалери, а заминале петмина, а во европскиот вицешампион Тотенхем има двајца новаци и четворица што заминале.