Признанието е за постигнати 41 гол во Бундес-лигата во сезоната 2020/2021
ФУДБАЛ
Полјакот Роберт Левандовски, напаѓач на Баерн Минхен, ја прими наградата „златна копачка“ за постигнати 41 гол во Бундес-лигата, на 29-те настапи во сезоната 2020/2021. Наградата што Левандовски ја прими на пригодната церемонија на арената „Алијанц“ на Баерн му се доделува на најдобриот стрелец во домашните лиги низ Европа.
Левандовски (33) е вториот играч што настапува за клуб во Германија што го освојува ова признание, по легендата на Баерн, Герд Милер, во сезоната 1971/1972, за постигнатите 40 гола.
Бројката на постигнати голови лани за полскиот напаѓач беше највисока по оние што ги даде Кристијано Роналдо (48) во 2015 година, во дресот на Реал Мадрид.
Зад Левандовски лани, според постигнатите голови, беа Лионел Меси (30), кој рекордни шест пати беше прв стрелец, и Роналдо (29), четирипати.
– Оваа награда им ја посветувам на сите луѓе што се покрај мене секој ден. Би сакал да им се заблагодарам на моето семејство, на соиграчите, на тренерскиот штаб и клубот Баерн. Не можев да освојам титули и признанија како овие без нивна поддршка. Во спортот, како и во животот, од клучно значење е да се цените едни со други, да се поддржувате, да бидете фер еден кон друг и да се обидувате да бидете пример за другите. Многу сум среќен со она што го постигнавме заедно како тим – изјави Левандовски по добивањето на признанието.