ФИФА го објави скратениот список со кандидати за најдобар фудбалер на сезоната, а победникот ќе го објави в четврток. „Нова Македонија“ направи мини-анкета во која учествуваа македонски спортисти, тренери, судии, спортски работници и новинари

ИЗБОР НА ФИФА ЗА НАЈДОБАР ФУДБАЛЕР НА СЕЗОНАТА 2019/2020

Роберт Левандовски (од Полска, член на Баерн), Лионел Меси (Аргентина, Барселона) и Кристијано Роналдо (Португалија, Јувентус) се кандидатите за годинашната награда за најдобар за сезоната 2019/2020 во изборот во организација на Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Светската куќа на фудбалот го објави скратениот список со тројца кандидати, а победникот ќе го објави в четврток. „Нова Македонија“ направи мини-анкета во која учествуваа македонски спортисти, тренери, судии, спортски работници и новинари.
Така, некогашниот тенисер Александар Китинов го одбра Меси, за Левандовски се определија Владимир Богоевски, спортски директор на Македонскиот олимписки комитет, и легендата на македонската одбојка, Иван Лесевски, долгогодишен селектор и тренер на македонските алпски скијачи, Ивана Пројковска, меѓународна фудбалска судијка, Александар Тодоров, селектор на кошаркарската репрезентација, каратистот Емил Павлов, шахистот Филип Панчевски и Зоран Михајлов, доајенот на македонското спортско новинарство, а за Роналдо ракометарот Гоце Георгиевски, Горан Мицкоски, стручен соработник во Џудо-федерацијата на Македонија и Филип Поповски, генерален секретар на Фудбалската федерација на Македонија.
– Мојот избор за најдобар фудбалер е Левандовски, првакот на Европа и на Германија со Баерн – изјави Богоевски, а Поповски, вели: „Меѓу Роналдо и Левандовски мала предност му давам на Роналдо, поради константноста и добрите игри за Јувентус и за Португалија“. Лесевски, пак, рече: „Левандовски од Баерн е далеку најдобар“, а Пројковска изјави: „Јас сум за Левандовски, за да ја разбие монотонија помеѓу Меси и Роналдо, и реално тоа го заслужува. Најдобар фудбалер во Германија, најефикасен во Лигата на шампионите и во Бундес-лигата итн.“
Од кандидатите за сезоната 2019/2020 Меси досега добил шест признанија во изборите организирани од ФИФА, а Роландо има пет. Во изборот во 2019 година победи Меси пред Холанѓанецот Вирџил ван Дајк од Ливерпул и пред Роналдо. Г.И.;Л.Д.;Г.М.