СПОРЕД „ФОРБС“
Роналдо е првиот од тимските спортови со таква заработка во кариерата (претходно тоа го остварија голферот Вудс и боксерот Мејведер). „Форбс“ предвидува дека Меси в година ќе му се придружи на Роналдо во клубот на милијардери
Кристијано Роналдо (35) е првиот фудбалер во историјата што стана милијардер во текот на кариерата, откако, според „Форбс“, ѕвездата на Јувентус лани заработила 105 милиони. Со тоа тој ја надминал границата од една милијарда долари. Роналдо им се придружи на голферот Тајгер Вудс и на боксерот Флојд Мејведер, како единствени спортисти што заработиле над една милијарда долари во кариерата.
„Форбс“ посочува дека Роналдо е на четвртата позиција според заработката меѓу славните личности во 2020 година, зад Кајли Џенер, раперот Канје Вест и тенисерот Роже Федерер. „Форбс“ пресметал дека Лионел Меси, ѕвездата на Барселона, лани инкасирал 104 милиони долари и е на петтото место на таа листа. Федерер со 106,3 милиони долари е првиот тенисер што е на првото место меѓу спортистите според заработката во една година, а неговата колешка Наоми Осака со 37 милиони долари е рекордерка меѓу спортистките за приход за една година, пишува „Форбс“.
Роналдо е првиот спортист што стекнал такво богатство во тимските спортови. За португалскиот интернационалец се вели во текот на 17-годишната кариера, во Манчестер јунајтед, во Реал Мадрид и во Јувентус, заработил околу 650 милиони, а остатокот од реклами и други комерцијални зделки. Петкратниот добитник на „златната топка“ за најдобар фудбалер на светот исто така гради и деловна империја, со свој моден бренд, хотел, како и музеј „КР7“ во родниот град Фуншал во Мадеира.
Иако платата на Меси годинава поради кризата со коронавирусот е намалена за 70 отсто, „Форбс“ предвидува дека Аргентинецот следната година ќе му се придружи на Роналдо во клубот на милијардери.